• петок, 08 ноември 2024

Истражување на МОФ: Формалниот образовен процес не нуди соодветна можност за стекнување вештини за претприемништво

Истражување на МОФ: Формалниот образовен процес не нуди соодветна можност за стекнување вештини за претприемништво
Скопје, 11 февруари 2022 (МИА) - Формалниот образовен процес не им нуди на младите соодветна можност за стекнување на знаења и вештини за претприемништво, а постои и јасен недостаток на практично и искуствено учење, како и учење за тимска работа. Самото образование пак, игра пасивна и маргинална улога во идеолошките ставови. Ова се клучните наоди од истражувањата на Младинскиот образовен форум (МОФ) креирани од три млади истражувачи во текот на изминативе неколку месеци. Фокусот на истражувањата беше идеологијата на младите и улогата на образованието, младинското претприемништво како и анализа на новиот модел на студентско организирање.

Стефан Дојчиноски, кој со помош на менторот Симонида Кацарска ги истражуваше можностите и пречките на младинското претприемништво, наиде на податоци дека формалниот образовен процес не нуди соодветна можност за стекнување на знаења и вештини за претприемништво детектираше јасен недостаток на практично и искуствено учење, како и учење за тимска работа.

Според истражувањето, исто така владее и скептицизам и негативни ставови кон претприемништвото и самовработувањето како кариерна опција кои се доминантни кај родителите на младите луѓе. Наодите покажуваат дека младите во голема мера сами ги финансираат своите деловни потфати, додека административниот процес се покажа како комплициран, корумпиран и неефикасен.

Препораките што авторот ги наведе се однесуваа на промени во наставните програми во кои се предава и учи бизнис и претприемништво, соодветно регулирање и воведување на современи модели за финансирање на стартапите, дигитализацијата на администрацијата и поедноставување на постапката за стечај и ликвидација за млади претпријатија, со што би се намалила бариерата за излез при евентуален неуспех.

Јоана Тренеска, со менторство на Борјан Ѓузелов ја истражуваше улогата на образовниот процес во градење на идеолошки гледишта кај младите, со квантитативна методологија.

Резултатите покажаа дека образованието игра пасивна, маргинална улога во идеолошките ставови, иако бројни трудови покажале дека подолг образовен процес доведува до полиберални ставови и поддршка за демократски практики. Фактори што се пресудни, или подоминантни причинители се возраста, полот, местото на живеење и слични карактеристики.

Имено, млади од рурални средини кои се повозрасни, имаат поголема веројатност да се поконзервативни, и да ја поддржат идејата дека на ЛГБТ заедницата не им е место во политиката, дека мажите се подобри политичари од жените и дека на нашата земја ѝ треба лидер со цврста рака. Препораките на авторот вклучуваат ажурирање на наставните програми и едукација на наставниот кадар, при што младите преку својата секундарна социјализација ќе изградат либерални ставови и отпор кон авторитарни практики.

Стефан Видиков, со менторство на Мартин Галевски, го анализираше новиот модел на студентско организирање, со осврт на студентските претставници на Универзитетот „Кирил и Методиј”. Наодите од спроведената анкета и интервјуа укажуваат на поголема демократија и олеснет процес на кандидирање во однос на претходниот модел на студентско организирање.

Меѓутоа, проблемите лежат во малата излезеност на студентски избори, слабата интеракција помеѓу студенти и студентски претставници, многу мало влијание врз телата во кои претставниците ги претставуваат студентите и слаба координација помеѓу активностите на УСС и ФСС.  Според дел од препораките на Видиков, потребно е зголемување на средствата за студентско организирање, поголема поддршка на проектите на УСС кои стимулираат научна дејност, како и олеснување на бирократските процедури за одобрување средства за потребите на студентските собранија. 

Како што соопштија од МОФ, младите истражувачи беа менторирани од алумнисти стипендисти на програмата за стипендии на Фондацијата Отворено Општество.

На презентацијата на наодите учествувале претставници од граѓанскиот сектор и студентските претставнички тела.

Истражувањата беа презентирани на онлајн настан „Промоција на клучни наоди од три мали истражувања”, а се изработени во склоп на проектот „ Академски стипендии за граѓанско општество” подржан од Фондација Отворено Општество Македонија.бт/лв/

Остани поврзан