Искра од апарат за заварување причина за настанување на пожарот во „Блис“ во Битола
- Искра од апарат за заварување е причина за пожарот што вчера во попладневните часови се случи во трговскиот центар „Блис“ во Битола. На својата фејсбук-страница од трговскиот центар објавија дека пожарот настанал во тек на монтажа на декоративната фасада на источната страна од градбата, како последица на искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачите, се запалил фасаден панел.
Скопје, 31 јули 2024 (МИА) - Искра од апарат за заварување е причина за пожарот што вчера во попладневните часови се случи во трговскиот центар „Блис“ во Битола. На својата фејсбук-страница од трговскиот центар објавија дека пожарот настанал во тек на монтажа на декоративната фасада на источната страна од градбата, како последица на искра од апарат за заварување употребен при поставувањето на држачите, се запалил фасаден панел.
Како што потенцираат, пожарот за кратко време бил локализиран.
-Благодарение на брзата детекција и дојава, и секако, на брзата реакција на гасење со хидрантска мрежа, пожарот за релативно кратко време беше локализиран од страна на ТППЕ Битола. Овде, дозволете да ја изразиме нашата бескрајна благодарност до командирот и сите вработени на ТППЕ Битола, кои беа на ниво на задачата и извршија навремена локализација. Дополнителна и голема благодарност изразуваме до градоначалникот на Општина Битола, г-дин Коњановски, секретарот Димитровски, на раководството на јавните претпријатија кои извршија брз увид со своите екипи, на пожарната единица од РЕК Битола, како и на обучениот затекнат кадар на објектот вклучувајки ги сите останати лица кои несебично се вклучија во помошта при гасењето на пожарот, се вели во објавата на трговскиот центар.
Оттаму посочуваат дека нема повредени, а според првичниот увид, причинета е мала материјална штета.
-Според првичниот увид, причинета е мала материјална штета која го опфаќа фасадниот панел на источната страна, кој благодарение на фактот што е со PIR исполна (огноотпорен) во комбинација со PIR (огноотпорни) кровни панели и дополнителна внатрешна изолација со камена волна и огноотпорни ѕидови од гипсени табли, се спречи проширување во внатрешноста на објектот и на околните фасади од објектот, потенцираат во објавата.
Како што потенцираат, по извршениот увид после гасењето на пожарот не се констатирани штети на останатите делови на објектот ниту на конструктивните делови од истиот. Увидот што ќе го извршат и денеска ќе даде коночен одговор во однос на отворањето на Ретаил паркот и Молот, за што дополнително ќе известат.
-БЕКОМ ИНВЕСТ Ви ветува дека ќе даде сѐ од себе, со сите свои сили, можности и ингеренции да ја надмине оваа ситуација, со цел да направиме отворањето на оваа капитална градба за градот и околината да биде без задоцнување а истовремено да претставува безбедно и удобно место за сите, потенцираат во фејсбук објавата. бт/ац/
Фото: Фејсбук