• четврток, 26 декември 2024

Забрзано се полни модуларната ковид-болница во Кочани

Забрзано се полни модуларната ковид-болница во Кочани
Кочани, 23 март 2021 (МИА) – Два дена по ставањето во функција, модуларната ковид-болница во Кочани има зголемен број пациенти и половина од нејзиниот капацитет е веќе исполнет. Просечно дневно околу 200 лица со симптоми на Ковид-19 бараат медицинска помош, поради што од Општата болница со проширена дејност побарале сите лекари кои се наоѓаат на специјализација да се вратат на работа. - Во моментот во модуларната ковид-болница се хоспитализирани 15 лица, од кои шестмина се на кислородна поддршка, а едно лице на осумдесет и едногодишна возраст почина. Поголем број од лекарите специјализанти позитивно одговорија на повикот да помогнат во оваа ситуација кога имаме наплив на пациенти, така што сите згрижени во болницата ја добиваат неопходната медицинска помош. Болничките одделенија на кои претходно беа сместени пациентите сега се ослободени и ќе можат да се користат за нивната приоритетна намена, со што се покажа дека изградбата на новиот објект е сосема оправдана, истакна Александар Серафимов, директор на Општа болница - Кочани. Додаде дека Општа болница е подготвена да одговори на новиот бран од заразата, а најави и нови вработувања на медицински и технички персонал, што ќе се реализираат во наредниов период. Упати и апел до граѓаните за почитување на мерките за заштита и спречување на ширење на заразата, што ќе овозможи функционирање на јавниот здравствен систем. Во Центарот за јавно здравје во Кочани и во Општата болница дневно се земаат по стотина брисеви за тестирање, при што освен од Кочани има граѓани и од соседните општини во регионот. та/цр

Остани поврзан