• четврток, 26 декември 2024

Објавена „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај)

Објавена „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“  (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај)

Скопје, 26 декември 2024 (МИА) - Од печат излезе специјалното издание на книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај) на Искра Чоловиќ и Свето Стаменов, поранешни новинари на Македонското радио – Радио Скопје и познати македонски публицисти.

Ова специјално издание беше подготвено за објавување кон крајот на минатата 2023 година и со него требаше да биде заокружена Годината на Даница Ручигај, односно одбележувањето на 60-годишнината од нејзината трагична смрт во скопскиот катастрофален земјотрес на 26 јули 1963 година, но поради ненадејната смрт на Искра Чоловиќ на 14 декември 2023 година сите активности околу неговото печатење беа запрени.

Како што информира авторот Свето Стаменов, на иницијатива и со сесрдна помош и посветеност на поранешниот словенечки амбасадор во нашава земја, универзитетски професор, писател и поет Милан Јазбец, специјалното издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ конечно ја здогледува светлината на денот на крајот на оваа 2024 година и е посветено на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај (1934-1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960-2023), доајен на македонското радио-спикерство, новинар и публицист. Токму проф. д-р Милан Јазбец е негов уредник и приредувач.

Книгата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ првпат беше објавена во 2016 година и со неа Искра Чоловиќ и Свето Стаменов фактички го започнаа серијалот на изданија посветени Даница Ручигај во кој наредните години се наредија: „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ (2016), „Недореченост, о проклета да си“ - антологија на песни посветени на Даница Ручигај (2018), „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ - аудио-издание (2018), „Лабудова песма Заробљенице ветра“ (2019), „Даница Ручигај - Песна над песните“ (2020), „Даница Ручигај и книжевната критика“ (2021), „Сребрени ноќни игри и Заробеници на ветрот“, јубилејно издание по повод шеесетгодишнината од трагичната смрт на првата македонска поетеса Даница Ручигај (2023) и „Сребрне ноћне игре и Заробљеници ветра“, јубиларно издање поводом шездесетогодишњице од трагичне смрти прве македонске песникиње Данице Ручигај (2023). Неодамна, пак, беше објавено специјалното издание на двојното аудио ЦД „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај), кое, исто така, е посветено на 90-годишнината од раѓањето на првата македонска поетеса и основоположничка на т.н. женско писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај (1934-1963) и на годишнината од ненадејната смрт на Искра Чоловиќ (1960-2023), доајен на македонското радио-спикерство, новинар и публицист.

„Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ е своевидна книга - потомок или, подобро кажано, концентрат на мега-проектот - серијалот од пет специјални едночасовни радио-емисии „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“, кој беше посветен на педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и литература воопшто Даница Ручигај и скопскиот катастрофален земјотрес и кој беше емитуван на програмата на Македонското радио - Радио Скопје во текот на јули и август 2013 година. Поконкретно, оваа книга е своевиден аудио-книжевен проект, есенција за најважното, најскапоценото, но и најсетното од животописот, но и поетопис за најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбришливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.

Книгата има структурални делови: авторски текст - коментар кон животот на поетесата и нејзиното време на човечко и творечко опстојување, избрани стихови од двете нејзини антологиски стихозбирки „Сребрени ноќни игри“ и „Заробеници на ветрот“ и автентични искажувања на петнаесетина нејзини современици, пријатели и следбеници: м-р Златица Поповиќ Ручигај, Евгенија Шуплинова, Иван Чаповски, Михо Атанасовски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Коле Чашуле, Светлана Христова Јоциќ, Звонко Стојановиќ, Људмил Спасов, Кристина Николовска, Васил Тоциновски, Александар Прокопиев и Ирена Павлова де Одорико.

Ова специјално издание на „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ (радио-елегија за првата македонска поетеса Даница Ручигај), покрај воведниот текст на уредникот и приредувачот проф. д-р Милан Јазбец, е збогатено со пригодни текстови на проф. д-р Васил Тоциновски, проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Димитар Пандев. мд/

Фото:  Свето Стаменов

Остани поврзан