ЕУ го осуди трансферот на ирански проектили во Русија и најави нови санкции кон Иран
- Европската Унија остро го осудува неодамнешното пренесување на балистички ракети од Иран во Русија, што претставува директна закана за европската безбедност и суштинска материјална ескалација во снабдувањето на Москва со ирански беспилотни летала и муниција, кои таа ги користи во својата илегална агресивна војна против Украина, изјави денеска високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел.
Брисел, 13 септември 2023 (МИА) - Европската Унија остро го осудува неодамнешното пренесување на балистички ракети од Иран во Русија, што претставува директна закана за европската безбедност и суштинска материјална ескалација во снабдувањето на Москва со ирански беспилотни летала и муниција, кои таа ги користи во својата илегална агресивна војна против Украина, изјави денеска високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел.
- Тоа се случува во време на најновите напади на Русија врз Украина, вклучително и со балистички ракети и беспилотни летала, кои ја докажуваат нејзината јасна решеност да продолжи со својата брутална агресивна војна против Украина и нејзиниот народ, особено насочена кон критичната енергетска инфраструктура, обидувајќи се да предизвика што е можно повеќе загуби на цивилни животи и нанесување штети од големи размери. Иранските балистички ракети сега би можеле да се користат за да предизвикаат дополнителни страдања и уништувања во Украина, наведува Борел во писмената изјава упатена во име на ЕУ.
Борел потенцира дека позицијата на Европската Унија за вмешаноста на Иран во руската војна била отсекогаш јасна и таа во неколку наврати остро го предупреди Техеран поради трансферите на балистички ракети во Русија.
- Европската Унија ќе одговори брзо и во координација со меѓународните партнери, вклучително и со нови и зајакнати рестриктивни мерки против Иран, вклучително и со санкционирање на поединци и субјекти вклучени во програмите на иранските балистички ракети и беспилотни летала. Во тој поглед, исто така, се размислува и за рестриктивни мерки кон иранскиот воздухопловен сектор, додава Борел во изјавата. сп/
Фото: МИА Архива