• среда, 13 ноември 2024

„Епл“ загуби 113 милијарди долари од пазарната вредност по тужбата на американскиот регулатор

„Епл“ загуби 113 милијарди долари од пазарната вредност по тужбата на американскиот регулатор

Купертино, 22 март 2024 (МИА) - Акциите на „Епл“ паднаа за 4,1 отсто на затворањето на берзата во САД, со што компанијата изгуби околу 113 милијарди долари од нејзината пазарна вредност.

Како што наведува Блумберг, компанијата од Купертино се соочува со проблеми на двете страни на Атлантикот бидејќи Министерството за правда на САД вчера поднесе тужба против „Епл“ за наводен монопол на пазарот на паметни телефони, додека компанијата истовремено ја очекува истрага од Европската унија поради можно прекршување на Законот за дигитални пазари.

Долгоочекуваната американска тужба доаѓа по долгогодишни тврдења на критичарите дека „Епл“ и штети на конкуренцијата поради рестриктивните услови на продавницата за апликации, високите такси и строго контролираниот пристап до неговиот хардвер и софтвер.

„Елп“ ги поткопува апликациите, производите и услугите кои инаку би ги направиле корисниците помалку зависни од нивните „Ајфони“, се вели во соопштението на американското Министерство за правда.

Според тужителите, „Епл“ го користи својот монопол „за да извлече повеќе пари од потрошувачите, програмерите, креаторите на содржини, уметниците, издавачите, малите бизниси и трговците на мало“.

На 4 март, Европската унија веќе го казни американскиот „Епл“ со 1,8 милијарди евра поради кршење на законите за конкуренција и злоупотреба на доминантната позиција на пазарот за продажба на апликации за стриминг музика, објави Си-Ен-Ен. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан