Еврокомисијата започна истрага за можни монополски договори при онлајн испораката на храна
- Европската комисија започна официјална антимонополска истрага со цел да процени дали германската „Диливери Хироу“ и шпанската „Глово“ ги прекршиле правилата за конкурентност на ЕУ со создавање на картел во секторот за онлајн нарачки и испорака на храна, намирници и други стоки за широка потрошувачка на територијата на Европската економска област (ЕЕА).
Брисел, 23 јули 2024 (МИА) - Европската комисија започна официјална антимонополска истрага со цел да процени дали германската „Диливери Хироу“ и шпанската „Глово“ ги прекршиле правилата за конкурентност на ЕУ со создавање на картел во секторот за онлајн нарачки и испорака на храна, намирници и други стоки за широка потрошувачка на територијата на Европската економска област (ЕЕА).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, „Диливери Хироу“ и „Глово“ се меѓу најголемите компании за испорака на храна во Европа. „Диливери Хироу“ од јули 2018 година презеде малцински удел во сопственоста на „Глово“, по што во јули 2022 година стана мнозински сопственик на шпанската компанија.
Комисијата стравува дека со преземањето на „Глово“ од страна на „Диливери Хироу“, двете компании „можеби споделувале комерцијално чувствителни информации“, како комерцијални стратегии или податоци за цените, капацитетите, трошоците или карактеристиките на производите.
Извршената потпретседателка на Еврокомисијата задолжен за политиката на конкурентност Маргрете Вестагер, изјави дека целта на истрагата е да утврди дали „Диливери Хироу“ и „Глово“ постигнале меѓусебен договор за поделба на пазарот и за непреземање на вработени.
- Доколку се потврди ваквата загриженост, тоа може да претставува прекршување на правилата за конкурентност на ЕУ со потенцијални негативни ефекти врз цените и изборот за потрошувачите и врз можностите за избор за работниците, истакна Вестагер.
Според неа, онлајн испораката на храна е еден од најбрзорастечките сектори во ЕУ, па затоа конкурентноста во него мора да биде заштитена.
Ако истрагата ги потврди сомнежите на ЕК, тоа би претставувало кршење на член 101 од Договорот за функционирање на Европската Унија и на член 53 од Спогодбата за Европската економска област, кои забрануваат создавање картели и рестриктивни деловни практики.
Тимови на Комисијата во јуни 2022 и ноември 2023 година извршија ненајавени инспекции во просториите на „Диливери Хироу“ и „Глово“ во рамки на предлог-иницијативата за покренување истрага за евентуално картелско здружување во секторот за испорака на храна.
Компанијата „Диливери Хироу“ е присутна во над 70 земји ширум светот и е партнер со повеќе од 500.000 ресторани, а котира и на Берзата во Франкфурт. „Глово“, пак, има свои претставништва во над 1.300 градови во 25 земји во светот.
Со преземањето на мнозинскиот пакет акции во „Глово“ од страна на „Диливери Хироу“ во јули 2022 година, шпанската компанија практично стана подружница на германската.
Истрага покрената од страна на Комисијата е дел од нејзините напори за обезбедување можности за избор и разумни цени за потрошувачите при онлајн испораката на храна и намирници.
- На еден нов и динамичен пазар каков што е овој, антиконкурентските договори и рестриктивните деловни практики, вклучително и создавањето картели за поделба на пазарот, може да доведат до потенцијални негативни ефекти врз конкуренцијата, смета Европската комисија. сп/
Фото: Икс