• четврток, 26 декември 2024

Доцни сеидбата на оризот во Чешиново поради несолидарност меѓу земјоделците

Доцни сеидбата на оризот во Чешиново поради несолидарност меѓу земјоделците

Кочани, 27 мај 2023 (МИА) – Сеидбата на оризот на околу 300 хектари во атарот на селото Чешиново сè уште не е почната, иако истекува оптималниот временски рок. Причина за доцнењето е несолидарноста на земјоделците од соседните села кои не ја завршиле подготовката на своите површини, поради што водата од каналите за наводнување не може да се пушти во нивите.

Оризопроизводителите обвинуваат и дека нивните соседи ги кршат бетонските каналети и ги прекопуваат земјените канали од хидросистемот „Брегалница“ за да ја пренасочат водата во своите ниви.

-Имаме проблем што немаме вода да го посееме оризот, иако нивите се подготвени. Неколкумина оризопроизводители сè уште не ги подготвиле своите површини и поради нивните дваесетина хектари ќе останат непосеани уште 300 хектари во нашиот атар. Можеме да пролонгираме неколку денови поради врнежите и лошото време, но веќе доцниме две-три недели. Штетите ќе ги видиме подоцна, за време на жетвата, но ќе бидат големи. Околу 90 отсто од трошоците за производство ги направивме, оптималното време за сеидба одминува и оризот нема да созрее доволно и ќе даде потпросечни приноси, со што нема да се покријат трошоците, истакна Мијалче Кузманов, земјоделец од Чешиново.

Од водостопанската подружница во Кочани ни рекоа дека водата ќе ја пуштат на 8 мај, но до денес нашите ниви се суви, вели Мики Ѓоргиев, земјоделец од Чешиново. 

-Вегетацијата на оризот е околу 130 дена, а ние веќе три недели доцниме со сеидбата, иако земјата е подготвена. Направивме трошоци за подготовка, а ако не дојде водата за два-три дена ќе треба повторно да ги преработуваме нивите, истакна Ѓоргиев.

Земјоделците од Чешиново бараат водостопанската подружнца „Брегалница“ од Кочани да воспостави ред во наводнувањето и да не дозволува своеволие на поединци.

-Многу сме оштетени, ќе нема што да жнееме оваа есен. Порано имаше лица од Водостопанството кои водеа сметка за полнењето на нивите, а сега нема никој. Оризопроизводителите се најредовни во подмирувањето на обврските и целосно го плаќаат водниот надоместок, но парите одат во централата во Скопје и се градат канали во други делови од државата, а кај нас ни земјените вади не се исчистени, истакна Сане Јованов, земјоделец од Чешиново.

Раководителот на водостопанската подружница од Кочани, Благојчо Богатинов се сретна со земјоделците од Чешиново и истакна дека дел од нивните забелешки се оправдани, а причините за тоа се повеќегодишни.

-Проблемот може да се реши единствено со изградба на посебен цевковод за нивите во атарите на Чешиново и Чифлик, со што тие нема да чекаат на земјоделците од соседните села. Ние веќе размислуваме и работиме на тој проект, со што трајно ќе се реши проблемот што не е од вчера. Во меѓувреме, формиравме координативно тело со по двајца претставници од четирите села во овој регион и се договоривме водата да биде пуштена на 20 мај, а ние тоа го спроведовме. Точно е дека има и поединци кои не се ажурни во подготовката на нивите, но водата е веќе овде, а во понеделник оризопроизодителите ќе имаат на располагање околу еден кубен метар вода во секунда, истакна Богатинов.

Според планот за наводнување, годинава во кочанскиот регион со ориз треба да се засеат близу 4.000 хектари, но поради неповолните временски услови и доцнењето во подготовката на нивите во одделни селски атари, можно е да дојде до потфрлање во планираните површини.та/вј/

фото: МИА

Остани поврзан