• сабота, 09 ноември 2024

Град Скопје: МВР итно да ги истражи причините за пожарот во Универзална сала, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност

Град Скопје: МВР итно да ги истражи причините за пожарот во Универзална сала, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност

Скопје, 9 април 2024 (МИА) - Министертвото за внатрешни работи итно да ги истражи причините и доколку се детектира дека е во прашање човечки фактор и мотивирано е од погрешната и небезбедна градба за што има соодветна документација, за која укажувавме две години и поради која одбивме да продолжиме со изведувачот избран од претходното раководство, институциите да си покренат соодветни постапки за одговорност. 

Ова е реакцијата од Град Скопје, откако претпладнево гореше една од куполите на Универзална сала, а со брза интервенција на пожарникарите, пожарот е ставен под контрола. Во тек беа работи за нејзино реновирање.

- Две години јавно зборуваме дека проектот за Универзална сала кој му е дониран на претходното градско раководство и по кој работеле до локалните избори во 2021 година е погрешен и небезбеден, а градбата спротивна на проектот и дека поради тоа ни може да се продолжи ни може да се гради. Две години бевме напаѓани за тоа што јавно зборуваме!, реагираат од Град Скопје.  

Во реакцијата се посочува дека две години од Град Скопје укажувале дека додека не се обезбеди нов проект и сериозна ревизија на градбата која е спротивна на проектот, како што подвлекуваат, дека нема шанси никој од Градот да потпише градба и продолжи било каква реализација. 

Советниците во Советот на Град Скопје, потсетуваат дека на седница во јули 2023 година одлучиле Министерството за култура да ја превземе Универзална сала и нејзината реконструкција.

- По неколку месеци мистериозно гори Универзална сала, наместо да се ревидира што правел изведувачот. Универзална сала е на скопјани и на Македонија, а некој се обидува да заташка што правел, за што јавно говоревме две години и бевме напаѓани за истото од центрите на моќ и кеш, стои во реакцијата од Град Скопје.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека засега нема информации што е причината за пожарот.

На Единствениот број за итни случаи112 во ЦУК е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на Булевар „Партизански Одреди“, во Скопје. цр/са/

Фото: МИА

Остани поврзан