Во Србија граѓанска акција „29 минути за 29 жртви“
- Граѓаните на Србија и денеска им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње.
Белград, 3 јануари 2025 (МИА) – Граѓаните на Србија и денеска им одадоа почит на загинатите во Нови Сад, но и на убиените во Ариље и Цетиње.
Акцијата, која се одржа Белград, Нови Сад, Краљево, Ниш, Александровац, Зрењанин и други градови, траеше 29 минути – за 29 жртви.
Во Нови Сад маж со автомобил БМВ се обидел да ја пробие блокадата.
Студентите на Универзитетот во Нови Сад блокираа мост 29 минути од 11:52 часот, со цел да им оддадат почит на загинатите во падот на настрешницата на 1 ноември, како и на загинатите во Ариље на 31 декември и во Цетиње на 1 јануари.
Студентите развија голем транспарент со црвена дланка на Петроварадинската тврдина.
Српските медиуми јавуваат дека дошло до инцидент во пресрет на акцијата, во 11 часот и 45 минути, кога црно БМВ се обидело да вози низ толпата студенти. Според Бета, возачот на џип БМВ нападнал девојка од студентското обезбедување, по што му пришле и машките обезбедувачи, а од своите автомобили излегле и други граѓани за да се пресметаат со мажот. Насилникот потоа го оставил возилото на крстосница.
И овој петок пред зградата на РТВ се одржа 15 минути молк.
Средношколци се собраа на Плоштадот на Слободата во Нови Сад.
Претставници на ССП ја блокираа улицата Таковска кај РТС во Белград.
Пред градската управа во Краљево денеска беа и ветераните од 63-та Падобранска со црвени беретки. јт/
Фото: ЕПА архива