• вторник, 07 јануари 2025

Уставниот суд во 2025 ќе се залага за поголем буџет и финансиска независност

Уставниот суд во 2025 ќе се залага за поголем буџет и финансиска независност

Скопје, 5 јануари 2025 (МИА) - Обезбедување на самостојноста и независноста на Уставниот суд, бескомпромисност кон какви било и од кого било обиди за притисоци и влијанија врз Судот или врз уставните судии, унапредување на уставната и правната култура преку остварување на своите надлежности и доследно почитување на новиот Акт на Судот, и интензивна меѓународна соработка се врвни приоритети на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски за 2025 година.

За да ги постигне зацртаните цели, најави дека во наредниот период ќе разговара со сите релевантни фактори за донесување закон со којшто ќе се операционализираат уставните одредби кои се однесуваат на Уставниот суд, а со тоа ќе се гарантира самостојноста и независноста.

Според Костадиновски за непречено функционирање на Уставниот суд неопходни се статусната, административната и буџетската независност но, како што вели, за наредната година во Буџетот не се одобрени во целост средствата за Судот кои биле поднесени со буџетското барање. 

- Како претседател упатив писмо до премиерот во кое го образложив буџетското барање и ставките во кои не ни беше одобрен буџетот во целост, и ја потенцирав важноста за буџетското барање за непречено функционирање на Судот. Искрено се надевам дека со ребаланс на Буџетот средствата кои ги побаравме ќе бидат обезбедени, вели Костадиновски. 

Појаснува дека постојат различни модели за начинот на кој се обезбедува буџетска независност, некаде тоа е уредено со Закон за Уставен суд, а некаде како чин на целосна почит кон уставната поставеност на уставните судови и висока свест за уставна култура. 

Во нашиот случај, како што посочува, буџетската независност на Уставниот суд е уредена со членовите 104, 105,106, 107 и 108 од Актот на Судот

Крупни реформи и сериозни политички притисоци ја одбележаа работата на Уставниот суд во 2024

Изминатата 2024 за Уставниот суд, како што вели првиот човек на Уставен, била година на крупни реформи во работата и најефикасна во последните пет години по број на решени предмети, но за жал и со сериозни политички притисоци и влијанија врз работењето.

-Во 2024 решени се 248 предмети, што е за 25 отсто повеќе од претходната година кога сме имале 186 завршени предмети. Меѓу решените тука се 136 од оваа година, 89 од минатата, 18 предмети од 2022 година, четири од 2021 и еден од 2020, информира претседателот на Уставниот суд на годишната прес-конференција. 

Тој притоа го потенцира и судскиот активизам со 67 одлуки по иницијатива на Судот.

- Во 2024 година кога славиме 60 години од основањето на Уставниот суд, овој состав на Судот го унапреди своето работење со донесување на најзначајниот документ за саморегулација на начинот на работа и постапката пред Судот, а тоа е новиот Акт, нагласи Костадиновски. 

Клучната промена која ја донесе овој Акт се контролните механизми за должината на постапките со што се скратува рокот и се забрзуваат постапките.

Одлуката за Законот за употребата на јазиците најдоцна во мај, подготвителната седница на 20 март 2025 

Минатата година ќе биде одбележана и со Законот за употреба на јазиците, бидејќи по пет години овој предмет беше ставен на седница, но сепак конечна одлука, според најавите ќе биде донесена годинава.

На работен состанок во Уставниот суд договорено е подготвителната седница за Законот за употреба на јазиците да се одржи на 20 март 2025 година. Покрај датумот за одржување на седницата, која ќе биде отворена за јавноста,  како што изјави за МИА Костадиновски, утврдени се спорните правни прашања во врска со иницијативите по овој Закон, како и листата на учесници, која  брои околу 25 експерти, претставници од науката и струката, од областа на уставното право, меѓународното право, човековите права и претставник од Венецијанската комисија.

На седницата на Уставниот суд (11 декември 2024 година) Костадиновски истакна дека одлуката за одржување подготвителна седница за иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за употреба на јазиците не треба да се толкува како слабост. Тој тогаш најави дека најдоцна до мај, Судот ќе одлучува по предметот.

Членови и симпатизери на Европскиот фронт, на 8 декември 2024 година се собраа пред Уставниот суд и започнаа да држат т.н. „стража на јазикот“.

Арбер Адеми од ДУИ ги повика сите етнички заедници да му се придружат на Европскиот фронт во „стражата за јазикот“. Тие се сомневаат дека се подготвува укинување на овој Закон, како и на придобивките од Охридскиот рамковен договор, кој за нив е гаранција за еднаквост и праведност.

Стражата за јазикот заврши по одлуката на Уставниот суд да одржи подготвителна седница пред конечната одлука за Законот за употреба на јазиците.

Претседателот на Уставен суд на оваа тема во интервју за МИА  рече дека е можно да се искористи алатка од новиот Акт на Судот, односно судиите да изразат сомнеж за уставноста на Законот и да го пратат во Собранието на доработка.

Коментирајќи го Законот, тој оцени дека со него политиката создала своевиден правен хаос кој резултира со политички хаос, недоверба и дилеми.

Предметот за Законот за јазиците во Уставниот суд е составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија, оформен е во 2019 година, а стана актуелен по забелешките на Венецијанската комисија. 

Законот содржи 25 члена, беше изгласан во 2018 година, а стапи на сила во 2019 година.

Со иницијативите се оспорува и самиот негов назив, како и сите 25 члена. Се оспорува неговата проширена употреба во судските правосудните постапки, двојазичните униформи, симболите на парите, издавањето двојазични лични документи итн.

Венецијанската комисија во мислење од 2019 година забележа дека со ова законско решение не е прецизирано кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Комисијата тогаш оцени дека во одредени области законот може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенцијa за човекови права.

Уставниот суд денеска донесе времена мерка за одредби од законот за вработени во јавниот сектор, Законот за административни службеници, Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас п

И „балансерот“ ја одбележа 2024 година

Уставниот суд со мнозинство гласови на седницата одржана во октомври 2024 година донесе одлука за укинување на „балансерот“- алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно. Со неа, државните институции во иднина не ќе можат да објавуваат огласи во коишто ќе се наведува припадност на заедница, а во регистарот на вработени во јавниот сектор нема да се евидентираат податоците за вработените во институциите.

За вработување во државната администрација ќе важи принципот на стручност и компетентност.

-Манипулација и лага е тврдењето од било кого дека Уставниот суд укинал права на заедниците. Не е точно. Ние сме чувари на Уставот таков каков што е. Темелната вредност соодветна и правична застапеност е тука. Секој е должен да го почитува Уставот, значи секој е должен да ја почитува и применува правичната и соодветната застапеност, истакна на прес - конференција Костадиновски во врска со укинувањето на одредби кои опфаќаат „припадност на заедниците” при јавни огласи.

Укинувањето на „балансерот“  дојде по иницијатива поднесена до Уставен од  претходниот состав на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

Методологијата, односно т.н. „балансер“, е воведена 2015/2016, и во меѓувреме цели десет години се применувало начелото за правична и соодветна застапеност без да постои „балансер“. 

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев на прес-конференција рече дека не е важно кога ќе биде донесено ново законско решение за правична застапеност, туку дека тоа треба да биде направено солидно и да не е предмет на политики и партии. Законското решение, вели Минчев, треба да биде содржајно, квалитетно, долгорочно и да има вистинска примена.

Во врска со ова законско решение, како што подвлече Минчев, треба да бидат вклучени експерти од областа на Уставот. Тој посочи дека втората фаза на имплементација на законското решение е многу поважна од временскиот период кога ќе биде донесено.

- Кога ќе биде креирано такво Нацрт предлог законско решение, тоа треба да биде испратено до Венецијанската комисија, да добиеме позитивно мислење и после тоа да го почнеме процесот на носење на тој закон, рече Минчев.

Според него, кога не постоел „балансерот“ имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен.

- Многу фама се крева околу укинувањето на „балансерот“, но статистичките податоци го велат следното - Од 2001 до 2015 година не постоел „балансер“ како дигитална алатка за правична застапеност на етничките заедници, а од 2015 година е воведен и траел до одлуката на Уставниот суд за негово укинување, во 2024 година. Интересен е податокот дека во овој период, кога не постоел „балансерот“ имало поголем број на вработувања на етничките заедници, отколку кога е воведен, додаде Минчев.

Даниела Маркоска Алексовска

Фото: МИА архива

Остани поврзан