• вторник, 07 април 2026

Во Крива Паланка одбележан Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април

Во Крива Паланка одбележан Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април

Крива Паланка, 6 април 2026 (МИА) - Во Европската куќа во Крива Паланка денеска се одржа настан на кој свечено беше одбележан претстојниот Меѓународен ден на Ромите, 8 Април, истакнувајќи ја важноста на ромската култура, традиција и заедништво.

Настанот беше во организација на Општина Крива Паланка и фондацијата „Со срце за Крива Паланка".

- Меѓународниот ден на Ромите не е само обичен ден во календарот, туку е симбол на една култура што опстојува и се развива гордо го носи својот печат низ времето. Ромската заедница е дел од нашето секојдневие, дел од нашата приказна, дел од иднината што ја градиме сите заедно. Таа е важен и нераскинлив дел од нашето општество и нејзиниот придонес во културниот и социјалниот живот и ја прави нашата заедница посилна и поразновидна. Затоа, нашата обврска не е само декларативна, туку е јасна и конкретна, да направиме општество каде еднаквоста не е привилегија, туку е правило, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

На настанот беа доделени признанија на најуспешните ученици Роми од основните и средното училиште.

- Со посебна радост ја проследивме афирмацијата на младите ученици кои со својот труд и талент се вистинска инспирација.На талентираните ученици им беа доделени ваучери за набавка на дигитален уред, ранци и признанија, како поддршка за нивниот развој и понатамошна успешна афирмација. Продолжуваме заедно да вложуваме во иднината на младите и заедно да градиме општество еднакво за сите, истакнаа од општината, упатувајќи честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите.ид/

Фото: Општина Крива Паланка

Остани поврзан