Спортски ден во Кисела Вода
- По повод Светскиот ден на спортот, Општина Кисела Вода денеска организираше спортски турнири во мал фудбал и кошарка. Како што информира Општината, на настанот учествуваа избрани млади таленти од сите основни училишта на територијата на општината.
Скопје, 6 април 2026 (МИА) - По повод Светскиот ден на спортот, Општина Кисела Вода денеска организираше спортски турнири во мал фудбал и кошарка. Како што информира Општината, на настанот учествуваа избрани млади таленти од сите основни училишта на територијата на општината.
-Во спортската сала на ООУ „Круме Кепески“, екипите од Кисела Вода во мал фудбал ги одмерија силите со избрани млади таленти од Општина Сопиште. На кошаркарските терени, пак, натпреварот беше меѓу избрани млади кошаркари од Општина Карпош и екипата на Кисела Вода. Најдобрите екипи добија награди кои за време на спортските натпревари ги доделија градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, и градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, се наведува во соопштението.
Градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска на настант порача дека спортот не е само натпревар, туку основа за правилен физички и ментален развој на младите генерации.

-Затоа ние како локална самоуправа континуирано вложуваме во обнова на постојната спортска инфраструктура, со цел секое дете да има пристап до модерни и безбедни спортски терени. Во моментов интензивно работиме и на изградба на две нови спортски сали. Сепак, нашите вложувања не се само во инфраструктура. Ние континуирано им даваме финансиска и материјална поддршка на спортистите, на клубовите, и помагаме во организацијата на бројни спортски манифестации во општината. Со ова директно придонесуваме за развојот на физичката култура кај најмладите, бидејќи инвестицијата во спортот е инвестиција во здравјето и иднината на нашите деца, истакна Стаменкоска-Трајкоска.
Општината информира дека утре ќе биде објавен оглас за доделување материјална поддршка на училишни спортски клубови и на Сојузот за училишен спорт на Општина Кисела Вода, за тековната 2026 година.
Огласот е наменет за заинтересираните училишни спортски клубови што постојат во осумте основни училишта на територијата на Кисела Вода и Сојузот за училишен спорт на Општината.
-Деталите за критериумите, потребната документација за аплицирање и начинот на доставување ќе бидат објавени на веб-страната на општината. Рокот за пријавување на огласот почнува на 7 април и трае заклучно со 15 април 2026 година, се наведува во соопштението. хс/са/
Фото: Општина Кисела Вода