Во кавадаречко Горна Бошава водата не е за пиење
- Во кавадаречко Горна Бошава има известување од ЦЈЗ дека водата не е за пиење, информираше попладнево на својот фејсбук профил, Ристо Попов, кавадарчанец кој има викендичка во ова село
Кавадарци, 14 декември 2024 (МИА) - Во кавадаречко Горна Бошава има известување од ЦЈЗ дека водата не е за пиење, информираше попладнево на својот фејсбук профил, Ристо Попов, кавадарчанец кој има викендичка во ова село.
Попов кој е поранешен новинар, појасни дека вчера ЈЗУ Центар за јавно здравје - Велес до селската чешма во Горна Бошава, поставил табла со која се известуваат жителите дека од зголемениот вкупен број на бактерии и вкупен број на аеробни бактерии, се забранува употребата на водата за пиење.
Според него, ваквото предупредување во изминатите две децении било редовно, а поголем број на викендаши вода за пиење носеле од водоводот во Кавадарци, во пластични канти, шишиња и слично. Како што соопшти тој, локалните водоводи речиси во сите 12 населби од Бошавијата, постојано не одговарале на законските прописи.
- Досега локалната самоуправа во Кавадарци на овој план не покажа ниту малку загриженост и интерес за асанација на објектите и околината, при што потребно е да се воспостави редовна дезинфекција на водата, за да може да се користи како вода за пиење. Излезот од оваа состојба МЗ од овие села го гледаат во актуелниот градоначалник Митко Јанчев и сега веруваат во неговата принципиелност и ветување , состојбата тој нема да ја игнорира како своите претходници и има сигнали дека наскоро ке се зафати со конечно решавање на овој проблем што ги тишти повеќе од 600 жители во поранешната општина Конопиште, напиша Попов. свд/сст/
Фото : Фејсбук на Ристо Попов