Виртуелниот „Смешко“ наполни 40 години
- Сè почнало на американскиот Универзитет на Питсбург пред 40 години. Замислата за првото „смешко“ била на американскиот компјутерџија Скот Е. Фалман.
Лос Анџелес, 22 септември 2022 (МИА) - Во виртуелната, пишана комуникација, каде што изразот на лицето и говорот на телото не се важни, смешковците и другите емотикони се битни скоро исто колку и интерпункцијата. Но, како настанала првата комбинација „ :-) “?
Сè почнало на американскиот Универзитет на Питсбург пред 40 години. Замислата за првиот „Смешко“ (Smiley) била на американскиот компјутерџија Скот Е. Фалман, кој се надевал дека по воведувањето во 1982 година, тоа ќе ги спречи недоразбирањата и лошите чувства со дигиталната комуникација што се случувале околу електронската огласна табла во едно училиште. - Тогаш, тој систем најмногу го користеа „чудаците“ склони кон сарказам, изјави Фалман за германскиот весник „Франкфуртер рундшау“ (Frankfurter Rundschau). Современите емотикони, пак, ги покриваат сите гледишта на животот, од лични изрази, чувства, гестови со раце, разни предмети, настани, појави, до временските услови... - Тие нагласуваат како да се разбере изјавата. Во комуникацијата лице в лице, изразите на лицето, гестовите и тонот на говорникот се важни за разбирање на она што тој сака да го нагласи, на пр. иронијата. Но, во пишаната комуникација на многу луѓе им е тешко да го разберат сарказамот и сериозно одговараат, па следат вистински војни со зборови, вели лингвистката Ерика Линц од Универзитетот во Бон, Германија, која го истражува јазикот, говорот и комуникациите во дигиталните медиуми. Сликата со „подигнат палец“, на пр. е брза порака дека соговорникот се согласува. Од друга страна, отсуството на емотикони во пораката има значење и често се користи за намерно посериозен тон. - Денес, емотиконите не се користат само за да покажат како треба да се разбере изјавата, туку сѐ повеќе ги заменуваат и интерпункциските знаци. Така, кога наместо точка на крајот од реченицата има „смешко“, нејзиното значење станува експресивно, додаде Линц. Уште повеќе, таа верува дека на долг рок, емотиконите сѐ повеќе ќе се користат и во формалната комуникација. Сепак, ова никогаш целосно нема да ја отстрани можноста од недоразбирање, велат истражувачите, бидејќи и значењето на некој емотикон понекогаш може да биде двосмислено, а луѓето имаат тенденција да ги користат во различни контексти со различни значења. Така, можеби едноставноста на замислата и помогна да се развие како што и се разви, се чини од оваа гледна точка. си/