Бугарско МНР: Службената влада на Бугарија е легитимна и е отворена за дијалог со Северна Македонија, но репреговарање на договореното ќе нема
- Службената влада на Република Бугарија е легитимна влада и останува отворена за дијалог со Северна Македонија. Обидите за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, се вели во ставот на бугарското МНР.
Скопје, 29 август 2024 (МИА) – Службената влада на Република Бугарија е легитимна влада и останува отворена за дијалог со Северна Македонија. Обидите за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ, информираат од бугарското МНР.
Бугарското МНР, во реакција на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, нагласува дека „без разлика дали е привремена или редовна бугарска влада, дијалогот не вклучува повторно преговарање за веќе преземените обврски од Скопје“.
-Денешната изјава на премиерот на Република Северна Македонија, за жал, уште еднаш отворено ја доведува во прашање европската перспектива на неговата земја. На властите во Скопје треба да им биде јасно дека обидите за покренување идеи за повторно преговарање на веќе преземените меѓународни обврски може да доведат само до дополнително дистанцирање од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Овој наш став нема да се смени без разлика дали е техничка или редовна влада. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори, се вели во реакцијата од бугарското МНР.
Европскиот консензус од летото 2022 година меѓу 27-те земји-членки на ЕУ и Северна Македонија, посочуваат од бугарското МНР, целосно ги опишува сите чекори за постигнување напредок во процесот на европска интеграција на земјата.
-Бугарската позиција е јасно наведена во Одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, поддржана од сите политички сили. Тоа е израз на волјата на бугарските граѓани да ја поддржат Северна Македонија во процесот на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, под услов соседната земја да се придржува до највисоките стандарди во областа на човековите права и да ги исполни меѓународните обврски преземени во добро вера. Оваа позиција на национално ниво нема да се менува, се вели во реакцијата на бугарското МНР.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува по изборите во Бугарија на 27 октомври да се формира политичка влада со која ќе може да се разговара и да се најде „заедничко решение со кое конечно ќе се тргне децениската блокада која ја имаме како држава во евроитегративниот процес“.
-Ние сме за одблокирање на евроитеграциските процеси и ќе работиме посветено на таа агенда, но од другата страна треба да имаме партнер со кој ќе можеме да комуницираме. Во Бугарија на 27 октомври се закажани избори, до тогаш тие имаат техничка влада. После тоа се надевам дека ќе има политичка влада и се надевам дека со таа политичка влада ќе можеме да седнеме на маса и да најдеме заедничко решение со кое конечно ќе се тргне децениската блокада која ја имаме како држава во евроитегративниот процес, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за процесот на уставните измени на заедничка прес-конференција во Владата со министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Прашан дали има други креативни решенија доколку Бугарија не сака да репреговара за уставните измени, Мицкоски рече дека треба да почекаме да се избере политичка влада во Бугарија и да се отвори дијалог со нив.
-Ние сме соседи и треба да градиме добри добрососедски односи. Впрочем имаме и таков Договор за добрососедство кој треба да биде основа за да можеме да продолжиме понатаму. Додатоците од типот на Француски предлог можат да имаат уште еден додаток – Француски предлог плус итн.. Убеден сум дека нашиот источен сосед ако го гледа и својот интерес ќе му стане јасно дека процесот на преговори мора да почне за нас ако сакаме да имаме една целина како Балкан која ќе биде дел од Европската Унија. Убеден сум дека таму има политичари кои тоа сакаат да го видат, потенцира Мицкоски. аа/са/
Фото: МИА архива