• среда, 27 ноември 2024

БСП повикува на компромис за избор на претседател на бугарското Собрание

БСП повикува на компромис за избор на претседател на бугарското Собрание

Софија, 26 ноември 2024 (МИА) - Партијата „БСП-Обединета левица“ е отворена за дискусии околу сите можни опции за избор на претседател на бугарското Народно собрание, изјави Борислав Гуцанов по средбата со партиите „Преродба“ и „Морал, единство, чест“ (МЕЧ).

- Подготвени сме да се разгледаат сите опции, вклучително и повлекување на кандидатурите и предлагање нов кандидат кој би ги обединил сите, рече Гуцанов. Тој изрази надеж дека и „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ ќе се приклучат на разговорите, како и Алијансата за права и слободи.

Гуцанов нагласи дека целта е да се избере најдобриот можен претседател и да се обезбеди единство околу клучните прашања и закони за општеството. Според него, дијалогот е клучен за постигнување компромиси. Средбата дојде откако пет обиди за избор на претседател не беа успешни.

Радостин Василев од МЕЧ истакна дека е тешко да се формира анти-ГЕРБ и ДПС мнозинство поради различните интереси. Според него, земјата е во ваква ситуација поради ГЕРБ, која победува на избори и не може да најде мнозинство за свој претседавач, и поради ПП-ДБ, која не може ниту да најде дијалог меѓу себе. ссм/

Остани поврзан