• недела, 24 ноември 2024

Атина се подготвува за повторно отворање на продавниците

Атина се подготвува за повторно отворање на продавниците
Атина, 4 април 2021 (МИА) – За да отвориме, подготвени сме, не сме подготвени повторно да затвориме, вели сопственичка на мал бутик во центарот на Атина, а веројатно овој став го делат и голем дел од нејзините колеги, кои од утре одново ќе ги отворат продавниците по пауза од два месеци, јави дописничката на МИА од Атина. Малопродажбата во Грција, во изминатите пет месеци, по воведувањето на карантинот на 7 ноември 2020 година помина низ фази на отворање и повторно затворање, со посебни правила за различни делови на земјата, со оглед на тоа дека беше поделена во зони согласно епидемиолошката слика и важеа различни правила. Сепак, отворањето нема да биде целосно и на начин на кој продавниците функционираа по нормални услови, бидејќи ќе работат само со услугите „click away“ и „click in shop“, односно подигнување на претходно направена нарачка или посета на продавница по закажан термин. Граѓаните за шопинг ќе имаат најмногу три часа, еднаш дневно, откако претходно ќе испратат смс порака на специјален број со име и презиме и ќе добијат повратен одговор со дозвола за посета на продавница. Дописничката на МИА, поразговара со сопственици и вработени на продавници во центарот на од Атина, како и со граѓани, во пресрет на утрешното (повторно) отворање на малопродажбата. Велат дека најважно е да биде отворање кое ќе трае и нема да се соочат со ново затворање. -Останата ни е зимска роба, мораме да ги намалиме цените, во спротивно ќе остане за следната година, а веќе е сезона за пролетна и летна колекција, ако повторно нѐ затворат и тоа ќе ни остане, вели сопственик на продавница за облека и обувки. Во однос на новите правила за работа, објаснува дека за нив ова и не е најдоброто решение, меѓутоа во секој случај е подобро отколку да бидат затворени, а со сличен став се и граѓаните. -Навикнати сме да одиме од една во друга продавница, слободно. Ако видиме нешто на излог и ни се допаѓа, влегуваме да го видиме, да го пробаме. Сега треба да се јавуваме да закажуваме, малку е комплицирано, вледат млади Гркинки за МИА, додека ги разгледуваат излозите на продавниците во центарот на Атина. Продавниците ќе работат според протоколи, односно едно лице на 25 метри квадратни, а трговските центри и моловите ќе останат затворени. Иако беше најавено дека продавниците ќе се отворат во цела Грција, сепак поради лошата епидемиолошка слика, вчера од Секретаријатот за цивилна заштита соопштија дека малопродажбата во регионалните единици Солун, Ахаиа и Козани нема да отвори. Атињаните ги „наполнија“ парковите и плажите Од вчера, во Грција, за време на викендите дозволено е движење меѓу општините и населбите, односно граѓаните, со автомобил, најмногу три лица или едно семејство, можат да заминат на прошетка, вон границите на населбите во кои што живеат, но не и да ги напуштат градовите. Станува збор за опцијата за физичка активност, односно употребата на смс порака со кодот шест (една од шесте опции за движење), која досега важеше за активност пеш или со велосипед. Топлото пролетно време, како и укинувањето на забраната, резултираа Грците масовно да излезат и да ги наполнат парковите, плажите, како и центарот на Атина. Во повеќе градови во Грција, меѓу кои и во Солун и Атина, вчера, пред почетокот на полицискиот час од 21 часот, имаше собири на млади пред кафулињата кои работат со „take away“. Одлуките, како за малопродажбата, така и дозволата за движење меѓу општините, според грчката Влада не значат и отворање туку станува збор за прилагодување на постоечките мерки, земајќи го предвид заморот на граѓаните. Токму ова го истакна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи во петокот во Парламентот, кога рече дека постои замор кај граѓаните од континуираните рестрикции. -Погрешно е да говориме за отворање, многу поправилно е да говориме за одново прилагодување на активностите и затоа Владата, во соработка со експертите, донесе низа одлуки, рече Мицотакис и не ја исклучи можноста, доколку има појави на собири, повторно да се вратат рестрикциите. Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е од 11 февруари. Олабавувањето на постоечките рестрикции е во период кога во Грција се бележи зголемен број новозаразени со Ковид-19, како и рекордни бројки на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници. Сања Ристовска

Остани поврзан