• Monday, 29 July 2024

Големите пожари од минатото не беа доволна лекција за државата, противпожарните капацитети се зајакнуваат локално 

Големите пожари од минатото не беа доволна лекција за државата, противпожарните капацитети се зајакнуваат локално 

Скопје, 28 јули 2024 (МИА) - Пожарникари со неколку противпожарни возила, екипи на јавното претпријатие „Македонски шуми“, Армијата, граѓани на терен... Штетите непроценливи. Се бара помош од соседите, пријателските држави, збратимените општини. Пожарите кои во изминатите десетина дена беснееја низ државата повторно ги извадија на виделина сите пропусти.

Каде е нашиот одбранбен систем, зошто неможевме сами да се справиме со пожарите, колку време беше потребно да се активираат „Ер тракторите“? Зошто грешките од пожарите во 2021 година во Малешевијата не не научија како да се заштитиме? Колку од ветеното дека ќе ги зајакнеме територијалните противпожарни станици како со човечки потенцијал, така и со соодветна заштитна опрема е реализирано? На сите овие прашања МИА побара одговори од повеќе релевантни институции.

Иако по големиот пожар што пред три години ја зафати Малешевијата каде изгореа 5.000 километри квадратни шума, а во гаснењето помагаа пожарникари од Словенија, Австрија, Романија, Унгарија, Србија...се ветуваше засилување на територијалните против пожарни единици, набавка на нова опрема, сепак и во 2024 година државата сеуште не одвојува доволно пари за пожарникарите, за возниот парк, а нема набавено ниту нова заштитна опрема. Најголем дел од опремата што ја имаат територијалните противпожарни единици е добиена преку донации.

За гаснење на шумски пожари во непристапен терен во моментот државата располага со три „Ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување, од кои само два се исправни и се на терен. За гаснење на пожари се активираат и два хеликоптери на Армијата и на полицијата.

Грешките од големиот пожар во Малешевијата, можеби ги разбудија некои институции да почнат со зајакнување на сопствените противпожарни капацитети, но годинава повторно подметна одбранбениот систем за интервенција на големи шумски пожари.

Иако државата има три „Ер трактори“, едниот не е во возна состојба, а со другите два немаше кој да управува. Двата „Ер трактори“ не беа веднаш испратени на терен по дојавата за големиот пожар на планината Серта кај Неготино, а причината за тоа беше немањето кој да управува со нив, па Дирекцијата за заштита и спасување потпиша договор со двајцата пензионирани пилоти по што тие активно се вклучија во гаснењето на пожарите.

Од тројца пилоти со кои располагаше Дирекцијата, оваа година остана само со еден пилот, бидејќи двајца исполниле услови за старосна пензија. Во разговор за МИА, директорот на ДЗС, Беким Максу

Ниту екипите на „Национални шуми“, кои треба први да интервенираат при гаснење на шумски пожари, немале можност да го сторат тоа поради празните резервоари во возилата и блокираната сметка.

И повторно, беше побарана меѓународна помош. Во гаснењето од воздух се вклучија еден хеликоптер од Србија кој имаше носивост од пет тона вода, два хеликоптера од Словенија, два авиони и еден хеликоптер од Турција, еден канадер од Хрватска и еден авион од Романија. 

Итна трансформација на системот за управување со кризи

Управувачкиот комитет за управување кризи донесе одлука за итна реорганизација на целокупниот систем за соодветно да се справи со секоја криза која би настанала во земјава. Трансформацијата подразбира спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување и постоење на специјална единица за заштита и спасување која за почеток би броела околу 120 луѓе. 

Првиот човек на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов вели дека системот за гаснење пожари има низа слабости, кои очекува за брзо да бидат отстранети. 

Специјалната единица за заштита и спасување, според Ангелов, треба да биде мултифункционална, обучена за потрага, пребарување и спасување, односно во лето да гасне пожари, а во зима да спасува луѓе од планина, а во случаи на земјотреси, да помага во пронаоѓање на затрупани под урнатините. 

- Нас ни е потребна една ваква единица, бидејќи во овој момент ние немаме вакви сили, иако ДЗС има декларирано сепак тие се на друго ниво. ДЗС соработува со доброволни противпожарни друштва, кои се извонредни луѓе, но е далеку од она што јас го имам како замисла. Еден доброволен пожарникар е одличен и дејствува само кога е најтешко. Но, сепак ќе има разлика меѓу една професионална единица, која ќе биде во ранг на специјална единица со млади, здрави физички подготвени и обучени луѓе, кои ќе отскокнуваат од просечните против пожарни единици и ќе настапуваат само онаму каде што е најтешко. Имаме се, координатор, старешини, 
раководители, но немаме луѓе што гаснат на терен, забележува Ангелов.

Центарот за управување со кризи е подготвен како никогаш досега да се справи со пожарите, изјави директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, посочувајќи дека изминатите седум дена имало повеќе од дес

За поголема ефикасност при гаснењето на шумските пожари и пожарите на отворено смета дека е потребна централизирана команда.

- Кога има пожар, градоначаникот треба сам да бара помош од соседните општини, а тоа го успорува целиот процес. Кога би имале централна координација, од еден центар ќе се испратат онолку пожарникари колку што се потребни. Бирократизираната процедура одзема време. Секоја задоцнета интервенција го отежнува гаснењето и последиците се потешки, нагласува Ангелов.

И министерот за одбрана Владо Мисајловски во изјава за МИА посочува дека во периодот што следува ќе се 
разгледаат сите предлози од работните групи кои во изминатите неколку години работеле на изработка на нов Закон за пожарникарство и оти Министерството во најбрз можен рок ќе излезе со предлог до Владата.

Во изјава за МИА, тој најави и дека осумте хеликоптери од компанијата „Леонардо“, коишто во земјава треба да пристигнат кон средината на 2026 година, ќе бидат опремени и со систем за гаснење пожари.

Со помош на општините и донации, некои ТППЕ во добра кондиција

Согласно Законот за пожарникарство во општините со над 24.000 жители, на 1.500 лица треба да има еден пожарникар, но ретки се територијалнте противпожарни единици што го исполнуваат овој критериум. Речиси во сите, состојбата е далеку под законските норми.

Министерството за одбрана преку наменски дотации издвојува пари за плати и додатоци на плати за 734 
пожарникари, а за останатите, финансиите се обезбедуваат од општинските буџети. 

Податоците покажуваат дека од 2019 до 2024 година речиси двојно се зголемиле средствата за наменски дотации. Така, во 2019 година одобрени се 331,755,000 денари, во 2020 година тој износ се зголемува на 401,000,000 денари, а во 2021 година на 403,500,000 денари. Во 2022 година биле одобрени 421,500,000 денари, лани 500,000,000 денари, а за 2024 година за наменска дотација биле планирани 527,700,000 денари.

Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во изјава за МИА посочува дека со министрите за одбрана и за финансии бараат начин како да се надмине проблемот.

- Дека се’ ќе биде брзо решливо, не верувам, затоа што ова не е едноставен проблем, не е мал проблем и не е проблем што се решава многу едноставно од страна на централните институции. Потребни се повеќе средства за да се партиципира, но има расположение од централната власт и верувам дека во догледно време ќе бидат зголемени блок дотациите, вели Ѓорѓиевски.

Според него, скоро сите општини го имаат истиот проблем. Најголем број пожарникари финансиски покрива Општина Штип, но слична е состојбата и во Тетово, Куманово, Гостивар...

-Во малку подобра кондиција е Општина Велес, каде градоначалникот помалку покрива од страна на општинскиот Буџет за пожарникарите, но генерално земено практично во секоја општина или во секој град, каде што постои противпожарна единица има недостатоци од овој аспект. Дополнителен проблем е тоа што средствата што се инвестираат од општините за подобрување на условите на пожарникарите, не можат да бидат ефектуирани, бидејќи завршуваат за покривање на нивните плати, нагласува првиот човек на ЗЕЛС.

Посочува дека противпожарните единици во државата поседуваат многу стари возила, потребни се униформи за пожарникарите и заштитна опрема за на терен, но оти недостасуваат и пожарникари.

- Генерално земено, можевте и минатиот период, но и сега, кога сме соочени со пожарите да видите во каква состојба се возните паркови на противпожарните единици ширум Македонија. Имаме слабости и во тој дел и треба да работиме најпрво на опремување на пожарникарите, а подоцна и на обезбедување на соодветни возила, вели Ѓорѓиевски.

Иако пожарникарите имаат можност да посетуваат обуки надвор од државата, смета дека потребен е центар за обука во земјава.

Територијалната противпожарна единица од Велес лани интервенирала 296 пати, споредено со 2019 година е помалку за 56, а  кога имала  352 интервенции.

Штип меѓу десетте најоштетени општини, државата плаќа само шестмина пожарникари

Штип е меѓу десетте општини, кои се оштетени од централната власт за исплата на наменски дотации за платите на пожарникарите во Територијалната противпожарна единица. 

Градоначалникот Иван Јорданов вели дека ТППЕ-Штип има 33 пожарникари, а од Министерството за одбрана добиваат средства преку наменски дотации за само шест пожарникари, додека за останатите 27, платата се обезбедува преку буџетот на Општината.

Јорданов забележува дека за оваа неправична распределба на средствата за платите на пожарникарите реагирале градоначалниците на оштетените општини, имале и средби со ресорните министри од претходната власт, но дека решение на проблемот нема. 

- Некои од општините имаат поголема финансиска помош, други имаат помала и тоа независно од бројот на жители. Штип, како поголема општина компаративно со друга локална самоуправа има помал износ на наменски дотации, без разлика што има број на пожарникари согласно Законот за пожарникарство, вели Јорданов.

Општина Штип месечно само за платите на пожарникарите издвојува дополнителни над два милиони денари, но не се само овие средства, туку од општинската каса се плаќаат и сметките за струја и комуналии, одржување на Противпожарниот дом, опремата, возилата, набавка на нафта.

На годишно ниво од општинскиот буџет се издвојуваат околу половина милион евра за ТППЕ-Штип, средства коишто доколку државата ги обезбедува би биле инвестирани во нова опрема, униформи и возила.

Според пресметките на Општината, со овие пари секоја година би се набавувале по седум нови Противпожарни возила со различна опрема.

Преку донации во Штипската пожарна изминатите две и пол години обезбедени се две возила, од кои едно теренско преку Дирекцијата за заштита и спасување и едно возило за гаснење шумски пожари преку Програмата за меѓугранична соработка со Бугарија. Пожарникарите добија нова заштитна униформа за гаснење на пожари во шумски предели, но и во урбана средина преку донација од Амбасадата на САД. 

Кавадаречката противпожарна единица најопремена 

За разлика од Штипската, кавадаречката Територијална противпожарна единица, според градоначалникот Митко Јанчев, е една од најопремените во државата, со кадар и со опрема. 

- Урбано, како Територијална противпожарна единица сме 100 проценти опремени. Вработените активно се вклучени во најразлични интервенции и имаат успех во секакви интервенции, не само при пожари, истакна Јанчев.

Според него, во државата е потребно да се набави опрема за гаснење шумски пожари, бидејќи, нагласува, отворените пожари се многу различни од оние во урбана средина. 

- Како држава немаме опрема за гаснење шумски пожари, каква што имаат други земји. Пред две години, дојдоа Австријците со опрема за гаснење шумски пожари. Подвижни базени, пумпи, подвижни агрегати, кај што може да направат линии и до пет километри, да префрлат вода од едно до друго место, потсетува Јанчев.

Големите пожари во Малешевијата ги зајакнаа капацитетите на ТППЕ Берово

Пожарите во Малешевијата, биле опомена за тамошните власти да ја зајакнат Територијалната противпожарна единица. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски вели дека огнената стихија во Малешевијата била за нив опомена да ја зголемат безбедноста на имотите на граѓаните со зајакнување на капацитетите на ТППЕ.

- Со поддршка од донатори и општествено одговорни компании обезбедени се две нови возила, по едното за урбани и за шумски пожари. Во меѓувреме, набавена е нова заштитна опрема за пожарникарите за шумски пожари, како и опрема за полесно справување на пожарите, нагласува Пекевски, посочувајќи дека пожарникарите биле испраќани и на обуки надвор од државата.

Средствата што ги дотира државата не соодвестуваат и се недоволни за да се исплатат платите согласно закон, вели Пекески, додавајќи дека од општинскиот Буџет се издвојуваат дополнителни средства за да може пожарникарите да ги земаат платите согласно законските обврски. Во ТППЕ Берово вработени се 16 пожарникари и значително е променета старосната граница. Има нови помлади пожарникари наспроти оние кои се во поодмината возраст пред пензионирање.

Полициските сили на ЕУ ќе употребат австралиско оружје против беспилотни летала, што ќе им помогне да ги отстранат заканите за националната безбедност. Таквата технологија е забранета во Соед

Сензори и камери за рана детекција помагаат во брзо детектирање на пожарите во Струшко

И Струшката пожарна располага со речиси доволно пожарникари, од потребните 41, моментално има 38 вработени. Во однос на опремата, командирот Фети Мазари, посочува дека иако имаат заштитна опрема, таа е  застарена и потребна е нова, за што од градоначалникот добил ветување дека идниот месец ќе им биде набавена. Возниот парк, каде најстарото противпожарно возило датира од 1993 година, тврди дека е во добра состојба, но покрај двете теренски возила за тешко достапни предели, имаат потреба за уште едно.

За рана детекција на пожарите нагласува дека многу им помогнал проектот IPA CBC за прекугранична соработка со Албанија, партнерство на општина Либражд од Албанија и Дирекцијата за заштита и спасување, преку кој поставени се камери и сензори на неколку локации. 

- Поставени се сензори и камери за рано детектирање на пожари на планината Јабланица, во село Богојци и на зградата на ТППЕ Струга, со што е опфатен обемен простор. Од голема помош е и дронот, кој по добиениот сигнал за пожар веднаш го пуштаме за попрецизна локација и таму веднаш се упатува наша екипа. Раното детектирање на пожарите е многу важно за навремена интервенција, нагласува Мазари за МИА.

Кочани со половина од потребните пожарникари, за поголеми интервенции помага доброволно противпожарно друштво

Иако според законскиот минимум за општина Кочани потребни се 32 пожарникари, Територијалната противпожарна единица располага со половина, односно 16. Половината од нив ги плаќа државата преку Министерството за одбрана, а за другата половина финансиските трошоци се на товар на Општината.

- Општина Кочани имаше предвидено средства за вработување двајца пожарникари во 2025 година, но поради зголемување на трошоците за минимална плата, дојде до финансиски импликации за одделување поголеми средства од сопствениот буџет. ТППЕ добива дотации од околу 10 милиони денари, а од буџетот на Општината, според новите пресметки и колективниот договор, со овој интензитет ќе испадне да се издвојуваат уште околу шест - седум милиони денари за плати и надоместоци, истакнува секретарот во Општина Кочани, Драган Ананиев.

Покрај Кочани, Противпожарната единица, целосно ги покрива и териториите на соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево, каде во просек има околу половина од интервенциите на годишно ниво, но од нивните општински буџети не добива средства. Дополнително, од буџетот на Општина Кочани се издвојува финансиска поддршка за работата на Доброволното противпожарно друштво кое има околу педесетина доброволци, од кои соодветна стручна обука имаат 30 лица и тие излегуваат на терен и помагаат во интервенциите.

Големината на теренот на кој делуваат, предизвик за гостиварските пожарникари

Од потребните 80-тина во Гостиварската противпожарна единица има само 48 пожарникари, кои покрај територијата на општина Гостивар ги покриваат и Врапчиште и Маврово – Ростуше, како и двата национални паркови „Маврово“ и „Шар Планина“. 

Месечно се издвојуваат околу 2,4 милиони денари за тамошната ТППЕ. Преку блок дотации за плати на пожарникарите има прилив од 1,5 милиони денари, а од општинската каса за оваа намена се издвојуваат по околу 800 илјади денари.

- Притисокот врз малиот број вработени кои делуваат на голема оддалеченост е голем, со оглед дека некои населени места во општина Маврово-Ростуше се на 50 километри, а има и планински села во општина Врапчиште, до каде заради патиштата е потребно и еден час за да се стигне на интервенција. Состојбата се очекува да биде подобрена со отворањето на одделение во селото Градец, општина Врапчиште, што ќе ја зголеми и ефикасноста, посочуваат од Општина Гостивар.

Оттаму, додаваат, преку проект на Министерството за локална самоуправа се вклучени три општини – Врапчиште и Боговиње во Северна Македонија и Церик во Албанија и невладината организација Каритас. Со изградбата на противпожарната станица очекуваат дека ќе се реши долгогодишен проблем и честопати задоцнетото интервенирање на терен. Во тек се завршни активности за вработување на девет пожарникари, кои ќе ја опслужуваат територијата на општините Врапчиште и Боговиње. Оваа единица би делувала и на територијата на националниот парк „Шар Планина“ кој зафаќа дел од атарите на двете општини.

ТППЕ Велес со намалени човечки ресурси се справува со пожарите на три општини 

Територијалната противпожарна единица во Велес работи со 31 пожарникар, а согласно законските прописи треба да има 40 пожарникари. Од вработените, 28 се вработени на неопределено време, а тројца на определено.

Секретарот на Општина Велес, Марија Чатмова во изјава за МИА посочува дека ТППЕ Велес работи со намалени човечки ресурси.

Според споледниот Попис спроведен во 2021 година, бројот на жители во Општина Велес изнесува 48.463 жители, во Општина Градско 3.233, а во Општина Чашка 7.942 жители, односно за територијата што ја покрива ТППЕ Велес треба да има вработено 40 пожарникари.

Платите и надоместоците на пожарникарите, како што посочува Чатмова, се исплаќаат од блок дотациите предвидени во државниот Буџет.

- На професионалните пожарникари им се исплаќа плата во согласност со Законот за пожарникарство, а исто така им се исплаќаат и сите надоместоци утврдени во Законот за работни односи, појаснува Чатмова.

Во изминатите две години со донации ТППЕ Велес има добиено две нови противпожарни возила. 

Повреден пожарникар и изгорени зелени ридови во Битола и битолско

Битолската Територијална противпожарна единица има 41 вработен, а според стандардите треба да има 65. На располагање, како што информира командирот на ТППЕ-Битола, Горан Димкоски имаме 14 возила и пет дополнителни теренски возила кои може да носат вода на секоја локација. 

Битолчани се во очекување и на изградбата на нов објект на Територијалната противпожарна единица и нови вработувања на пожарникари. Локалната самоуправа годинава издвои 52 милиони денари за изградба на нова зграда на пожарникарите кои се носители на традицијата долга 188 години кога во 1836 година по голем пожар во Битола е формирана првата противпожарна единица на Балканот.

Кон средината на месецов реонот на Битола го зафатија серија пожари од кои епилогот е повреден пожарникар, изгорени над 200 хектари шума, како и млади садници од 2007 година.


Слаѓана Стојкова Костоски

Викторија Димитрова Јованова

Тони Ајтовски

Зоран Маџовски

Светлана Дарудова

Марјан Танушевски

Антоанела Димитриевска