• e mërkurë, 25 mars 2026

Концерт на Музичката младина на Македонија од циклусот „Слободна среда“ во Музејот на македонската борба

Концерт на Музичката младина на Македонија од циклусот „Слободна среда“ во Музејот на македонската борба

Скопје, 25 март 2026 (МИА) – Музичката младина на Македонија денеска во Музејот на македонската борба во Скопје ќе одржи концерт од циклусот „Слободна среда“ во рамките на програмата „Млад музички албум“.

Како што стои во соопштението од Музичката младина на Македонија, „Слободна среда“ е платформа што од 2020 година им овозможува на млади музичари, ученици од основни и средни музички училишта и на студенти од музичките факултети да стекнат сценско искуство преку кратки настапи. 

На концертот ќе настапат 15 млади изведувачи од Скопје, Штип, Битола и од Струмица, како и учесници што моментно се школуваат во САД и Германија. 

Публиката ќе има можност да проследи разновидна програма со дела од Бах, Моцарт, Бетовен, Сати, Лист и други автори од класичниот и романтичниот репертоар, изведени на пијано, виолина, виолончело, флејта, кларинет, хорна и глас. 

Концертот, според најавата, претставува пресек на разни нивоа на музичко образование, од основно до високо, и има цел да создаде континуитет во развојот на младите изведувачи нудејќи им сцена, видливост и мотивација за понатамошен уметнички напредок. 

Настанот е дел од програмата „Млад музички албум“, поддржана од Министерството за култура и туризам. ра/ац/

Фото: Музичка младина на Македонија

QËNDRONI TË LIDHUR