• e enjte, 26 mars 2026

Урошевиќ: Даутовски е репрезент на нашата културната традиција и нејзината вклопеност во современата музичка слика на светот

Урошевиќ: Даутовски е репрезент на нашата културната традиција и нејзината вклопеност во современата музичка слика на светот

Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Со својата дејност проф. д-р Драган Даутовски е репрезент на нашата земја, нашата културна традиција и нејзината вклопеност во современата музичка слика на светот. Тој прави осовременување на македонскиот музички фолклор, еден вид негово оживување, трансформирано низ призмата на најновите светски музички трендови, истакна денеска академик Влада Урошевиќ, во пригодната реч по повод пристапувањето на Даутовски како дописен член на МАНУ, кој одржа пристапно предавање насловено „Топчестата глинена флејта од Македонија - праисториски музички инструмент“. 

Академик Урошевиќ, кој е секретар на одделението за уметност при МАНУ, рече дека како извонреден познавач на македонската музичка ризница воден од сфаќањето дека музичката култура е дел од националниот идентитет Даутовски е творец, кој го чувствува музичкото наследство како појдовна точка за уметничка креација и за изразување на индивидуалната емотивно мисловна скулптура преку поврзување со традицијата и белезите низ кои со векови на една почва се манифестирало колективното несвесно и поривот кон духовноста.

- Даутовски создава една уметност која е органско положение на фолклорното наследство поставено како парадигма, но не сфаќајќи го тоа наследство како музејски експонат, туку како жива линија на континуитет кој во новите времиња бара нов начин на изразување.Токму широчината на интересирањата и насоченостите на Даутовски во доменот на музичката уметност ја дава основната карактеристика на овој наш значаен творец. Тој има постигнато мошне високо ниво и во компонирањето и во изведбата и во проучувањето на музиката, едукацијата така што во неговата исклучителна творечка личност се обединуваат сите релеватни приоди кон оваа уметничка област, рече академик Урошевиќ.

Тој потсети на стручните квалификации и уметничкиот опус на Даутовски кои му овозможиле да стане мошне видлива фигура во македонскиот музички живот и да заземе едно посебно и значајно место во македонското музичко творештво.

Појасни дека при археолошките истражувања во близина на Велес во 1989 година најдена е керамичката топка со три отвори.

- Потоа археолозите сфатиле дека станува збор за еден специфичен и редок музички инструмент, еден вид флејта, кој потекнувал од средниот неолит, најважна фаза во човековиот развој, што значи дека последниот кој пред наоѓањето на него свирел живеел пред 6000 години. Мошне е среќна околноста што овој извонредно редок арктефакт паднал во рацете на еден извонреден стручњак како што е Даутовски, кој можел да го открие начинот на неговата употреба и низ директен допир да ја докаже. Тој го оживеал инструментот кој лежел милениуми под земја чекајќи го следниот свирач, истакна академик Урошевиќ.

Неговата дејност, појасни, е исклучително богата со повеќе од 2000 концертни настапи на домашната и на светската музичка сцена.

- Промовирајќи го македонското музичко творештво често пати вклопен во програмите на ОН и на УНЕСКО, Даутовски настапувал како автор и исполнувач на своите дела низ светот: во Париз, Стразбур, Вашингтон, во концертната сала на Соборниот храм „Христос Спасител“ во Москва, во Карнеги хол во Њујорк, Загреб, Љубљана, Сараево, Нови Сад, Будимпешта, Киев, Атина, Брисел, Лондон, Фиренца, Токио, Сиднеј, Хавана, се до Абуџа во Нигерија и Кина, додаде академик Урошевиќ.

Даутовски се заблагодари за можноста да биде дописен член на МАНУ и рече дека од 1989 година се занимава со проучување на народните инструменти кои ги внеле како наставна програма во средните училишта во Скопје и Штип, на Факултетот за музичка уметност, а подоцна и на Факултетот во Штип, и во основните музички училишта во земјава.

Во пристапното предавање насловено „Топчестата глинена флејта од Македонија - праисториски музички инструмент“, тој посочи дека биле направени снимањата на флејтата на радиологија во здравствени установи со што било овозможено да се ѕирне во нејзината внатрешност.

- Овие рендгенски прикази говорат дека станува збор за монолитен артефакт изграден во целина. Тоа што е во средина се работи за звучна комора и глина на ѕидот на инструментот и може да се забележат потезите на моделирање на отворите, на перфорациите. Користевме ендоскопски третман на археологија. Во почесната флејта употребена е и златната геометрија, прецизно прикажана, додаде Даутовски. 

Тој е избран за дописен член во работниот состав на МАНУ на 21. Изборно собрание на Академијата за избор на членови на МАНУ во работниот состав (редовни и дописни), на членови надвор од работниот состав и на почесни членови, одржано на 7 ноември 2025 година.

По неговото пристапно предавање настапија Камерниот гудачки оркестар „ФМУ солисти“ и ученици од насоката за традиционална музика и игра во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ - Скопје. рп/вг/

Фото: МИА

QËNDRONI TË LIDHUR