• e martë, 24 dhjetor 2024

ДНК, Врчак, Игор Џамбазов, Влатко Лозановски и Куку Леле за Нова година во Кисела Вода

ДНК, Врчак, Игор Џамбазов, Влатко Лозановски и Куку Леле за Нова година во Кисела Вода

Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - Под мотото „Скопска Новогодишна приказна“ Општина Кисела Вода, на платото пред спортската сала Расадник, ќе организира дочек на Новата 2025 година. 

Вечерната програма, како што најауваат од општина Кисела Вода, започнува во 20:00 часот со настап на популарната група „Куку Леле,“ продолжува со Игор Џамбазов, кој е и водител на вечерта, а ќе настапи заедно со „Гуру Харе Бенд.“ Потоа, на сцената ќе се појават ДНК и Врчак, а пречекот на Новата година ќе го означи настапот на Лозано.

Жителите на Кисела Вода и сите граѓани на Скопје, како што најавуваат од општината, ќе имаат можност да уживаат во целодневна програма со богати содржини за сите генерации. Настанот, како што најавуваат започнува во 10:30 часот со настап на Балетското студио „Лебед“, а ќе продолжи со Бисера Мојаноска и театарската група „Театар за тебе“. Малите посетители ќе уживаат во настапот на „Поточиња“, аниматорите и задолжителниот Дедо Мраз, кој овој пат ќе биде во друштво на ликот Гринч.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски нагласува дека Кисела Вода повторно се позиционира како општина која знае да организира врвни настани со квалитетна музичка понуда, потсетувајќи на успешните културни лета кои со години привлекуваат голем број посетители.

- Со домашни изведувачи кои се миленици на публиката, создадовме програма која ги обединува генерациите. Ова е наш подарок не само за жителите на општината, туку за целиот град. Ги поканувам сите скопјани да ни се придружат и заедно да ја пречекаме 2025 година со многу радост, музика и убави мигови. Сите сте добредојдени да бидете дел од оваа „Скопска Новогодишна приказна“, која ветува незаборавна забава и многу позитивна енергија, изјави Ѓорѓиевски, се вели најавата од Општина Кисела Вода. аа/ев/

Фото: Општина Кисела Вода

QËNDRONI TË LIDHUR