• e martë, 24 dhjetor 2024

Атанасовски: Македонска Каменица е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата

Атанасовски: Македонска Каменица е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата

Македонска Каменица, 23 декември 2024 (МИА) - Македонска Каменица е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата, истакна на денешната прес - конференција градоначалникот Димчо Атанасовски. Определба на општината, како што додаде, била и останува изградба на патна, водоводна и канализациона инфраструктура во секое населено место во општината.

-Денес, со огромно задоволство изјавувам дека во најголем дел овие прашања се затворени или ќе бидат реализирани во годината пред нас. Македонска Каменица, денес, е синоним за урбана средина и е најзелен град во државата. Наша најголема заложба е да изградиме општина во која ќе се живее поубаво, полесно и посигурно. Ќе ги завршиме ветените инфраструктурни проекти и веднаш ќе се насочиме кон реализација на проекти за младите, рече Атанасовски.

Приоритет во новата 2025 година за општината, како што додаде, ќе биде  реконструкција на Здравниот дом.

-Исто така реконструкција и изградба на нови содржини на градскиот базен, нова општинска зграда, инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и подобрување на визуелниот лик на градот и создавање на ултра модерна општина. Продолжуваме силно и посветено затоа што сите наши жители заслужуваат подобра иднина, додаде Атанасовски, кој навршува три години од неговиот избор за градоначалник на Македонска Каменица.

Покрај сите предизвици и потешкотии со кои општината се соочила во изминатите три години, како што додаде Атанасовски, Општината останува на трасираниот пат, градејки поубава и посигурна општина. Според него поставени се високи цели и со многу енергија, ентузијазам, идеи и визија општината силно чекори во трајно решавање на најелементарните и најгорливите проблеми на каменичани. вс/дма/

Фото: Димчо Атанасовски, градоначалник на Општина Македонска Каменица

QËNDRONI TË LIDHUR