• среда, 16 октомври 2024

Саудискиот престолонаследник во посета на Каиро, тема инвестициите и блискоисточната криза

Саудискиот престолонаследник во посета на Каиро, тема инвестициите и блискоисточната криза

Каиро, 15 октомври 2024 (МИА) - Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бин Салман денеска ќе го посети Каиро за да разговара за трговијата и инвестициите со египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, како и за кризата во Либан и на палестинските територии, соопштија денеска египетски дипломатски извори.

Посетата доаѓа во време на шпекулации за потенцијални саудиски инвестиции во Египет, кој доби голем прилив на странско финансирање оваа година, вклучително и рекорден договор од 35 милијарди долари со државен фонд „ADQ“ со седиште во Абу Даби.

Египетскиот премиер Мустафа Мадбули минатиот месец изјави дека Саудиска Арабија планира да инвестира пет милијарди долари во Египет, независно од средствата што Саудиска Арабија ги депонира во централната банка на Египет.

Можните инвестициски цели вклучуваат две локации за развој на туризмот на египетскиот брег на Црвеното Море и на југот на Синајскиот Полуостров.

Египет бара големи инвестиции додека се обидува да ја надмине долготрајната економска криза што доведе до рекордна инфлација, зголемен долг и остра девалвација на валутата во последните две години.

Последната официјална посета на саудискиот престолонаследник на Египет беше во 2022 година. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан