• сабота, 23 ноември 2024

ЈОРСМ: Возач на автобус на ЈСП осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа

ЈОРСМ: Возач на автобус на ЈСП осомничен за предизвикување тешка сообраќајна несреќа

Скопје, 13 август 2024 (МИА) - За предизвикување на вчерашната сообраќајна несреќа во која загина 17-годишно момче, осомничен е возачот на автобусот на ЈСП-Скопје, 51-годишен скопјанец, против кого Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка постапувајќи по кривична пријава.

Како што информира државното Јавно обвинителство, „постои основано сомнение дека возачот сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Во допис до медиумите ЈОРСМ наведува дека вчера (12 август) осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи автобус сопственост на ЈСП Скопје по општинскиот пат Шуто Оризари – Горно Оризари, „не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност телото на луѓето“.

-Кога дошол во близина на крстосница со сервисна улица која го поврзува општинскиот пат со улицата „Александар Урдаревски”, постапил спротивно на член 25 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па со автобусот свртел во лево за да избегне кабаст отпад, шут и друго ѓубре расфрлани по десната страна на коловозот и преминал на левата страна, односно на дел од коловозот наменет за движење на возилата од спротивната насока. Дејствието го сторил невнимателно, без претходно да се увери дека може да го направи без опасност по другите учесници во сообраќајот и имотот, не водејќи притоа сметка за положбата, правецот и брзината на движење. Како резултат на наведениот пропуст, со предниот лев дел од автобусот се судрил со автомобил „форд галакси” со скопски регистарски ознаки, со кој управувал 17-годишник кој немал стекнато право за управување со моторно возило, информира Обвинителството. 

При ударот момчето се здобило со тешки телесни повреди од кое починало, а неговиот сопатник во автомобилот се здобил со тешки телесни повреди и е во животна опасност.

ЈОРСМ соопшти дека надлежниот јавен обвинител за осомничениот предложил мерки на претпазливост – привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница и забрана за издавање нова, привремено одземање на возачката дозвола, забрана за напуштање на живеалиште, односно престојувалиште, како и обврска осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице. хс/дма/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан