• четврток, 26 декември 2024

Марковски за МИА: Мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата во Чаир

Марковски за МИА: Мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата во Чаир

Скопје, 3 октомври 2024 (МИА) - По пожарот во зградата на улицата „Серава“ во скопската општина Чаир, кој траеше повеќе од 30 часа, мора да се направи проверка на конструктивните елементи на зградата пред да се вратат станарите, советуваат експертите. 

Деканот на Градежниот факултет во Скопје, професорот Горан Марковски во изјава за МИА вели дека во вакви случаи неопходна е сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата.  

- Апсолутно мора да се провери статиката бидејќи се работи за сериозен пожар кој траеше многу долго. Мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата и да се утврди квалитетот на бетонот и на арматурните делови, посочува Марковски.

Пожарот, според Центарот за управување со кризи, беше изгаснат утринава околу 09:30 часот. Во неговото гаснење беа вклучени 20 пожарникари со седум противпжарни возила, а вчера во попладневните часови беше вклуечно и специјално возило на Армијата. 

Гаснењето на пожарот беше отежнато поради густиот чад и високата температура во подрумските простории каде била складирана поголема количина на запаливи материјали. 

Жителите на зградата беа евакуирани, а лекарска помош побараа околу 43 лица од кои дел деца. 

Дел од медиумите објавија дека опожарените простории се користеле како магацински простор од страна на фирма во кој имало големо количество пластични производи. бак/са/

Фото: МИА

 

Остани поврзан