Јапонија и Северна Македонија потпишаа Меморандумот за културна соработка што ќе овозможи поблиско запознавање на двете култури
- Северна Македонија и Јапонија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за културна соработка, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави. Параф на документот што треба да овозможи поблиско запознавање и соработка на двете култури ставија министерот за култура и туризам Зоран Љутков и комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура.
Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) - Северна Македонија и Јапонија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за културна соработка, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави. Параф на документот што треба да овозможи поблиско запознавање и соработка на двете култури ставија министерот за култура и туризам Зоран Љутков и комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура.
- За нас оваа посета е историска бидејќи сите наши заложби за продлабочување на блиските и пријателски односи со Јапонија, во оваа година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи, се материјализираат со потпишувањето на Меморандумот за културна соработка кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави. Очекуваме директна и плодотворна комуникација која ќе овозможи реципрочни гостувања на ансамбли и репродуктивни уметници од музичко-сценската дејност, театарската, филмската и аудиовизуелната дејност, соработка меѓу музеите, галериите и уметничките центри, размена на искуства во областа на заштитата и промоцијата на културното наследство итн, рече министерот Љутков.
Тој изрази благодарност за целокупната јапонска помош за нашата држава во донации, грантови и проекти и изрази уверување дека оваа посета ќе биде првата од низата реализирани средби на кои императив ќе биде претставувањето, а преку него и запознавањето на двете култури кои промовираат дијалог, партнерство и градење на похармонична иднина.
Министерот Љутков го најави и претстојното претставување на земјава во рамки на EXPO OSAKA 2025 година, каде во чест на одбележувањето на 60 годишнината од проектот на големиот Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, ќе биде презентирана изложбена поставка којашто ќе ги претстави особеностите на овој проект, а ќе има и други значајни програмски содржини-настапи на нашите реномирани уметници.
Комесарот за културни врски на Јапонија, потенцира дека потпишувањето на Меморнадумот во година кога се одбележуваат три децении од воспоставувањето на билатераните односи меѓу двете земји ќе претставува огромен поттик за развој на билатералната соработка којашто ги покрива сите сфери од културата и уметноста.
-Има многу историски и културни разлики меѓу Јапонија и Северна Македонија, но токму поради овие разлики очекуваме да создадеме нова култура и уметност и иновации преку размена. Иако е неопходно постепено да се акумулираат конкретни размени и соработка, верувам дека ќе можеме стабилно да соработуваме врз основа на овој Меморандум за соработка кој исцртува широк опфат на содржини. Денешното потпишување е навистина епохален настан во културната размена меѓу двете земји, оцени Токура.
Комесарот Токура кој по професија е композитор, изјави дека се радува што во текот на овие два дена ќе може да се запознае со македонски уметници и да дознае повеќе за македонската култура.
За време на работната посета на државава, комесарот Токура ќе ја посети и Филхармонијата, а во текот на утрешниот ден ќе ги посети и Музејот на македонската борба за самостојност и Старата скопска чаршија, каде што во Даут-пашиниот амам ќе ја разгледа изложбата на македонскиот сликар Вангел Коџоман.
Министерот Љутков и комесарот Токура денеска во Македонскиот народен театар ќе присуствуваат и на концерт на Оркестарот за џез-музика, во чест на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете држави. вг/бак/
Фото: МИА