• сабота, 28 декември 2024

Изборот на Националната комисија за учебници што треба да го врши Владата отвора простор за политизација и манипулација, сметаат дел од пратениците

Изборот на Националната комисија за учебници што треба да го врши Владата отвора простор за политизација и манипулација, сметаат дел од пратениците

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Собранието попладнево во рамки на 28-та седница го донесе Законот за престанување на важењето на Законот за основање национална агенција за нуклеарни технологии на Република Македонија. За некои точки од дневниот ред немаше претрес и произнесување зашто се уште течат комисиските расправи, а за некои, како што истакна потпретседателот на Парламентот Антонио Милошоски, дополнително ќе се гласа, во термин што допрва ќе биде утврден.

Меѓу законите за кои пратениците ќе треба да се изјаснат е и Дополнетиот предлог-закон за учебници во основно и средно образование. За законот кој е во второ читање, на седницата беа изнесени низа забелешки. Повеќето се однесуваа на изборот на членовите на Националната комисија што, според предложените дополнувања, треба да го врши Владата. 

-Загрижува Националната комисија за учебници, како е претставена во законот. Се сомневаме дека се остава голем простор за политизација на целиот овој процес. Се остава впечаток дека секој може да биде член. Будно ќе следиме од кого ќе се формира комисијата, од кои експерти зашто е оставен простор за голема манипулација, рече Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ. 

Таа укажа и дека нема јасни критериуми во законот кој може да биде рецензент, дека процесот за одобрување учебници е многу сложен што може да доведе до административни одложувања, како и дека законот не е напишан на родосензитивен јазик. Се нема и волја, додаде Костадиновска Стојчевска, да се унапреди инклузијата за децата со попреченост, уебниците за нив да бидат изработени според сите стандарди.  

Сали Мурати од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, кое е дел од коалицијата Европски фронт, предочи дека законот има дискриминаторски однос кон помалите заедници.  

-Секоја година имаме проблеми со преводи на книгите на турски јазик, па очекувавме со овој закон да има санкција за ненавремено обезбеудвање преводи. Издавачките куќи немаат економски бенефит за печатење книги на јазиците на помалите етнички заедници и тоа им е оправдување, требаше да има законска норма за доцнење на преводите. Нема механизам за контрола на квалиетот на преводите, ниту прецизни критериуми за застапеност на заедниците во комисиите, забележа Мурати.

Според Елми Азири од Алијанса за Албанците кој препозна мешање на политиката во образованието, со законот се прават само козметички измени кои не нудат суштински решенија, се ограничува правото на авторите надвор од земјава, а таквиот механизам нема да биде во функција на зголемување на квалитетот на образованието.  

-Овој закон е истата верзија од претходно, од 2023 година, и со него се прават само козметички измени кои не нудат суштински решенија на проблематиката. Нема ниту една интервенција значајна за подобрување на Законот. Создавате ограничувања, дали нема издавачи од регионот како Албанија, Косово, Хрватска, кои се исто така квалитетни, дури и поквалитетни од тие во земјава? Дали нема автори и издавачки куќи или не знаат авторите од земјите во ЕУ да издаваат текстови по математика, хемија, физика, информатика,... Каков квалитет на образовните текстови ќе понудите со овој закон? Одиме дијаметрално спротивно од Кембриџ системот, ја затвораме државата, се враќаме на поранешните системи. Ни во поранешна Југосваија не беше вака како што предлагате сега, ги забранувате авторите и издавачките куќи од Албанија и Косово. Во однос на комисиите, како ќе го обезбедите правична застапеност кога Уставниот суд забранува да се истакне националната припадност?, реагираше пратеникот.

Пратениците претходно го завршија претресот по Дополнетиот предлог закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование, во второ читање. Пратеничките Арбана Пашоли од ДУИ и Илире Даути од АА реагираа на амандманот со кој во Законот се вметнува обврската за задолжителен тест по македонски јазик на директорите во основно образование. Со тоа, оценија, се покажува желбата за супремација на мнозинството. Сали Мурати повика да се повлече законот и да бидат вметнати сите изнесени забелешки.

Во Собранието попладнево во рамки на 28-та седница беше донесен Законот за стручно образование и обука, како и одлука за изменување на Одлуката за избор на претседател, членови и заменици членови на Советот на Собранискиот канал. мч/аа/

фото: принт скрин

 

 

 

 

   

 

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан