• сабота, 23 ноември 2024

Јакимовски од Крива Паланка: На Македонија ѝ се потребни над 50 милијарди евра инвестиции, младите да останат дома

Јакимовски од Крива Паланка: На Македонија ѝ се потребни над 50 милијарди евра инвестиции, младите да останат дома

Крива Паланка, 13 април 2024 (МИА) - Клучот на нашата заложба и нашата битка е како да создадеме услови нашите луѓе од Република Македонија, поготово младите и младите брачни парови да не се иселуваат. Се иселува дел од економски причини, но голем дел се иселуваат како резултат на тоа што нема систем во Република Македонија. Значи младите бараат да има систем, да функционира судско-обвинителскиот систем, да функционира државната администрација,
да имаме функционален пазар на труд, да имаме функционална пазарна економија, да имаме развиени мали и средни претпријатија, но за сето тоа ни е потребно да имаме инвестиции, рече денеска при посетата на Крива Паланка кандидатот за претседател од ГРОМ и коалицијата „Храбро за Македонија", Стевчо Јакимовски.

Според Јакимовски, во државата се потребни инвестиции над 50 милијарди евра, инвестиции во: инфраструктура, железница, сообраќај, индустрија, преработувачката индустрија.

- Ни требаат инвестиции во делот на енергетиката, Вардарска долина да се направи, 11 хидроцентрали на реката Вардар, браната Чебрен-Галиште, пречистителни станици, за Вардарска долина да функционира. Исто така мораме да направиме комплетни урбанистички планови за сите излетнички места и за Попова
Шапка, и за Галичица, Галичица мора да се спои со Охридското Езеро, Пелистер, Кожуф, цела северна Грција може на Кожуф и да зимува и да летува, исто така и овде на Осоговските планини во близина на Крива Паланка, истакна Јакимовски.

Тој нагласи дека порано, пред десетина години пазарот во Крива Паланка бил полн со продавачи и купувачи, а денес, рече, кога е тука, во Крива Паланка, пазарот е готово празен.

-Основната причина е што нема луѓе, нема народ. Граѓаните се иселени како резултат на „добрите“ политики во изминатите 10-15 години, рече Јакимовски.
Според него, на Република Македонија ѝ е потребен еден сеопфатен инвестиционен план во којшто дел од работите ќе се дадат под концесија, пред сѐ мислејќи на железницата и хидроцентралите, а сѐ останато, како резултат на енормните вложувања во делот на градежништвото, значи дека ќе се поткрене целата економија, ќе се зголеми бруто-општествениот производ, ќе имаме поголема можност за вработување, ќе се развијат уште останати 24 индустриски гранки, а тоа значи поголема можност за враќање на нашите млади овде во Република Македонија. Како резултат на тие големи јавни работи секако, ќе се поттикне развој на малите и средни претпријатија што се основен двигател на развојот во една држава. За жал, ние со ваков однос на администрацијата и енормни партиски вработувања во администрацијата, партиите практично го осакатија приватниот сектор, го оставија без работна сила, а особено без онаа креативна работна сила, истакна Јакимовски.

На новинарско прашање го прокоментира избегнувањето дебата од страна на противкандидатите Силјановска и Пендаровски.

-Очигледно дека тие не се во состојба да воспостават дијалог со своите политички конкуренти, коишто гледате, не се тепаме, ниту навредуваме, напротив само сакаме аргументирано да разговараме. Епа како ќе бидат претседатели, како ќе воспостават дијалог меѓу власт и опозиција, како ќе воспостават дијалог за клучни прашања во Република Македонија, ако не се спремни да водат дијалог со своите противкандидати?, рече Јакимовски порачувајќи дека можат да се скријат од
дебатите, но од граѓаните на Република Македонија не. ид/мч/

фото: принт скрин

Остани поврзан