• сабота, 23 ноември 2024

Шпански министри пред европратениците ќе ги презентираат приоритетите на претседавањето на Шпанија со ЕУ 

Шпански министри пред европратениците ќе ги презентираат приоритетите на претседавањето на Шпанија со ЕУ 

Брисел, 7 септември 2023 (МИА) - Шест шпански министри денеска во Европскиот парламент ќе ги претстават приоритетите на шпанското претседателство со ЕУ во нивните ресори. 

Пред Комитетот за вработување и социјални прашања на ЕП приоритетите ќе ги презентираат министрите за труд и социјална економија Јоланда Дијаз, за инклузија, социјална заштита и миграција Хозе Луис Ескрива и за социјални права Јоне Белара. На друго заседание, Белара и министрите за култура и спорт Микел Исета, за универзитети Жоан Субиратс и за образование Пилар Алегрија ќе имаат презентации пред Комитетот за култура и образование. 

Според долгогодишната традиција во ЕУ, министрите на секоја земја претседавач на Унијата одделно пред европратениците ги презентираат приоритети на нивното шестмесечно претседавање, што вообичаено се прави на неговиот старт. Меѓутоа, на почетокот на нејзиното претседавање со ЕУ на 1 јули, во Шпанија во тек беше предизборна кампања за предвремените парламентарни избори на 23 јули, поради што презентациите на шпанските приоритети беа одложени за по летните одмори. 

Дури и актуелниот шпански премиер Педро Санчез досега во неколку наврати го одлагаше настапот пред Европскиот парламент, поради, како што беше образложено, преоптоварената домашна политичка агенда. Според најавите, Санчез најрано би се појавил пред европратениците во Стразбур дури во текот на октомври, додека презентациите на останатите шпански министри би требало да продолжат по 18 септември, односно по завршувањето на септемвриската сесија на ЕП. 

Инаку, за 26 септември е најавено учество на лидерот на конзервативната Народна партија (ПП) и мандатар за состав на нова шпанска влада Алберто Нуњез Феихо на дебатата во Европарламентот посветена на инвестициите. 

Феихо, чија партија победи на предвремените избори во Шпанија, но не успеа да освои мнозинство во Парламентот, се обидува да убеди дел од помалите регионални партии, ако веќе не ја поддржат неговата влада, воопшто да не гласаат за нејзиниот избор при вториот круг на гласање, кога за да биде избран на предложениот владин кабинет му е потребно просто мнозинство од пратениците кои гласале. Според најавите, Феихо може да смета на поддршка на 171 пратеник во 350-члениот Долен дом на шпанскиот Парламент и се обидува да обезбеди при вториот круг на гласање против да гласаат најмногу 170 пратеници.  

Дебатата за избор на новиот владин кабинет е закажана за 26 септември, по што првиот круг на гласање, кога за да биде избрана на владата и е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници или 176 гласа, е закажан за следниот ден, а евентуалниот втор круг би требало да се одржи 48 часа подоцна. 

Од друга страна и Санчез се надева на можност да остане на премиерската функција, имајќи предвид дека неговата Социјалистичка работничка партија на Шпанија (ПСОЕ) успеа да обезбеди 178 гласа при изборот на партиската кандидатка Франсина Арменгол за претседателка на Долниот дом. сп/

Фото: Европски парламент

Остани поврзан