• понеделник, 28 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Романија денеска почнува предизборната кампања, 11 кандидати за претседател

Во Романија денеска почнува предизборната кампања, 11 кандидати за претседател

Букурешт, 4 април 2025 (МИА) - Во Романија денеса официјално започна претседателската изборна кампања, а 11 кандидати ќе се натпреваруваат за функцијата шеф на државата. Кампањата се одвива во сенка на неодамнешната дисквалификација на кандидатот Калин Ѓоргеску, кој првично важеше за фаворит.

Актуелниот претседател Клаус Јоханис, кој во моментов нема уставно право за уште еден мандат, ги повика граѓаните да учествуваат во демократскиот процес и да изберат кандидат кој ќе ја одржи стабилноста на земјата.

Политичките аналитичари очекуваат неизвесна трка, бидејќи дел од гласачите на дисквалификуваниот Ѓоргеску сè уште не одлучиле кого ќе поддржат. Изборите се закажани за 4 мај, а евентуален втор круг би се одржал на 18 мај.

За функцијата ќе се борат 11 кандидати, меѓу кои четворица независни и седум кандидати, поддржани од партии и коалиции. Изборите ќе се одржат по вторпат, откако на крајот на минатата година Уставниот суд на земјата го поништи првиот круг одржан во ноември и нареди изборниот процес да започне одново.

На претходните избори, пред вториот круг, закажан за 8 декември минатата година, се појавија сомнежи дека кандидатот Ѓоргеску, кој се пласираше на прво место, се користел со недекларирано финансирање и масовна онлајн кампања, зад која можеби стои Русија. Москва ги отфрли овие обвинувања. Врз основа на извештаи од разузнавањето, Уставниот суд на 6 декември го поништи резултатот од првиот круг и одлучи целиот процес да започне од почеток.

На неколку кандидати, меѓу кои Ѓоргеску, не им е дозволено учество во повторените избори оваа година. Меѓу нив е и крајно десничарската европратеничка Дијана Шошоака, на која ѝ беше забрането учество и минатата година поради ставови што го загрозуваат членството на земјата во ЕУ и НАТО.

За првпат во посткомунистичката историја на земјата, најголемата партија – Социјалдемократската (СДП), нема да има свој кандидат на изборите, забележува телевизијата Диџи 24. Премиерот Марчел Чолаку – единствениот досегашен кандидат на СДП што не успеа да стигне до вториот круг, одби повторно да се вклучи во трката. Владејачката коалиција на СДП, Национално-либералната партија (НЛП) и Демократскиот сојуз на Унгарците во Романија (ДСУР) се определи за заеднички кандидат – поранешниот лидер на либералите Крин Антонеску.

Сепак, на гласачките ливчиња ќе се појави името на еден поранешен лидер на СДП – Виктор Понта, кој се враќа во трката за претседателската палата Котрочени по 10 години, овој пат како независен кандидат, забележува телевизијата. Елена Ласкони, претседателка на опозициската реформаторска партија „Сојуз за спас на Романија“ (ССР), која беше еден од финалистите на минатогодишните избори, ќе се натпреварува „во истиот коридор“ со градоначалникот на Букурешт Никушор Дан, кој ја основаше оваа партија, но подоцна ја напушти и сега влегува во трката како независен, посочува Диџи 24.

Суверенистичките партии – Алијансата за обединување на Романците (АУР) и Партијата на младите луѓе (ПОТ), одлучија лидерката на ПОТ Анамарија Гаврила да се повлече од трката за да не ги дели гласовите, додека лидерот на АУР Џорџе Симион остана нивни заеднички кандидат.

Големото прашање на новите претседателски избори е кој од кандидатите ќе успее да ги привлече симпатизерите на Калин Ѓоргеску, кои според анкетите на јавното мислење од последните месеци се близу 40 проценти.

БТА објави кусии биографии на кандидатите според редоследот на нивните броеви на гласачкото ливче:
Џорџе Симион (Алијанса за обединување на Романците) - 38-годишниот Џорџе Симион, лидер на националистичката партија АУР, ја објави својата кандидатура откако Централното изборно биро, а потоа и Уставниот суд ја отфрлија кандидатурата на Калин Ѓоргеску, кого суверенистичките партии АУР и ПОТ дотогаш го поддржуваа. Симион ја предводи партијата АУР од нејзиното основање во 2019 година. На парламентарните избори во 2020 година партијата освои 9,08 проценти, а Симион влезе во законодавниот дом како пратеник. На изборите во 2024 година АУР стана втората по големина парламентарна сила со 18,30 проценти.

Џорџе Симион го завршил националниот колеџ „Георге Лазар“ во Букурешт, дипломирал бизнис и администрација на Универзитетот во Букурешт, а потоа завршил магистратура на Универзитетот „Александру Јоан Куза“ во Јаши со дипломска работа на тема „Злосторствата на комунизмот“. Во 2019 година се кандидираше за европратеник како независен, но не успеа да собере доволен број гласови, потсетува Евроњуз Романија.

Неговата политичка кариера доби облик со создавањето на платформата „Акција 2012“ – коалиција на невладини организации што се борат за обединување на Романија со Република Молдавија. Симион организираше низа граѓански акции, поворки и демонстрации во поддршка на унионистичката идеја, а подоцна беше прогласен за персона нон грата на територијата на Република Молдова и Украина со образложение дека се среќавал со лица од руските тајни служби – нешто што лидерот на АУР категорично го негира, потсетува Диџи 24.

Крин Антонеску (предизборен сојуз „Романија напред“) - 65-годишниот Крин Антонеску дипломирал историја на Универзитетот во Букурешт. По Револуцијата од 1989 година станал член на Национално-либералната партија (НЛП), а во 1992 година влегол во парламентот како пратеник. Има вкупно шест мандати како парламентарец – четири како пратеник и два како сенатор. Бил и министер за млади и спорт. Ја предводел НЛП од 2009 до 2014 година.
Антонеску учествувал на претседателските избори во 2009 година и се пласирал на трето место со 20 проценти, зад Трајан Басеску и Мирчеа Џоана.
Во 2012 година либералите и социјалдемократите формираа коалиција наречена Социјално-либерален сојуз (СЛС) и создадоа влада предводена од тогашниот лидер на СДП, Виктор Понта. Коалицијата, која располагаше со солидно парламентарно мнозинство, презеде иницијатива за отстранување од функцијата на тогашниот десноцентристички претседател Трајан Басеску. Антонеску, кој во тоа време беше претседател на Сенатот, привремено ги презеде претседателските овластувања околу еден месец додека траеше постапката. Сепак, Басеску го доби последователниот референдум за отповикување и се врати во палатата Котрочени.

Две години подоцна, во 2014 година, Крин Антонеску го предаде лидерството на НЛП на Клаус Јоханис, кој подоцна беше избран за претседател на земјата, и потоа се повлече од политичкиот живот околу десет години. На крајот на 2024 година, владејачката трипартиска коалиција на СДП, НЛП и ДСУР објави дека поранешниот лидер на либералите ќе биде нејзин заеднички кандидат за претседателските избори во мај.

Елена Ласкони (Сојуз за спас на Романија) - 52-годишната Елена Ласкони е лидер на опозициската реформаторска партија „Сојуз за спас на Романија“ (ССР) и градоначалничка на Кампулунг – град со население од околу 40.000 жители во централниот дел на Јужна Романија од 2020 година наваму. Ласкони стигна до вториот круг на поништените избори минатата година, каде што требаше да се соочи со крајно десниот националист Калин Џорџеску. Според неа, Уставниот суд „ја погазил демократијата“, бидејќи не требало да го поништи гласањето, без оглед на резултатите.

Ласкони ја поднесе својата кандидатура за учество во повторените избори, иако некои нејзини сопартијци ја повикуваа да се откаже од трката во полза на градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, кој ја основаше партијата „Сојуз за спас на Романија“, но ја напушти во 2017 година поради несогласувања околу референдумот за т.н. „традиционално семејство“.

Елена Ласкони работела речиси 25 години во приватната телевизија Про ТВ на различни позиции – репортер, продуцент и водителка. Сама ја одгледала својата ќерка. Во 2013 година учествувала во изданието на „МастерШеф“ (MasterChef) за познати личности и го освоила.
Како лидер на ССР, Елена Ласкони успеа да ја зголеми изборната поддршка за партијата од 9 на околу 12 проценти на последните парламентарни избори во декември. Партијата учествуваше во преговорите за проевропска владејачка коалиција, но на крајот остана во опозиција. Ласкони вели дека ако ја освои претседателската функција, ќе ја принуди на оставка владата на Марчел Чолаку, а ССР ќе влезе во власта заедно со другите проевропски сили.

Кристијан Терхеш (Романска национално-конзервативна партија) - 46-годишниот Кристијан Терхеш е европратеник и претседател на Романската национално-конзервативна партија (РНКП). Терхеш дипломирал теологија, живеел извесно време во САД, а моментално е во вториот мандат како европратеник. Првпат беше избран во 2019 година од листата на СДП, подоцна премина во АУР. Во декември 2023 година се приклучи на РНКП, станувајќи нејзин претседател. Вториот мандат во ЕП го доби со листата на АУР.

Ова е втора кандидатура на Терхеш на претседателските избори по учеството во минатогодишната трка, кога освои 1 процент од гласовите. Исто така, Терхеш поднесе жалба до Уставниот суд на Романија, по што беше наредено повторно пребројување на гласачките ливчиња од првиот круг на изборите, потсетува Евроњуз Романија.

Лавинија Шандру (Хуманистичка социјално-либерална партија) - 50-годишната Лавинија Шандру е поранешна актерка и телевизиска новинарка. Дипломирала на Академијата за театарска уметност во Тргу Муреш, по што водела радио и телевизиски емисии.
На почетокот на 2000-тите влегла во политиката, приклучувајќи се кон Демократската партија, предводена тогаш од Трајан Басеску. По парламентарните избори во 2004 година станала пратеничка, но подоцна ја напуштила партијата. Во 2009 година се обидела да добие место во Европскиот парламент со квотата на Социјалдемократската партија, но не успеала.

Во 2020 година се приклучила на Хуманистичката социјално-либерална партија. На парламентарните избори во 2024 година се кандидирала за сенатор со листата на Социјалдемократската партија, но не собрала доволно гласови за да влезе во парламентот.

Виктор Понта (независен) - 52-годишниот Виктор Понта, поранешен премиер на Романија и поранешен претседател на СДП, се кандидира како независен на претседателските избори во 2025 година. Тој беше исклучен од СДП откако ја објави својата кандидатура.

Понта дипломирал на Правниот факултет на Универзитетот во Букурешт. Во 2004 година влегол во парламентот како пратеник од СДП, а во 2008 година освоил втор мандат и кратко бил назначен за министер за односи со парламентот. Од февруари 2010 до јули 2015 година бил претседател на СДП.

Во периодот од мај 2012 до ноември 2015 година Понта ја предводел владата на Социјално-либералниот сојуз, која направи неуспешен обид за отповикување на тогашниот претседател Трајан Басеску. На есен 2015 година, по смртоносниот пожар во ноќниот клуб „Колектив“, кој одзеде 64 животи, избувнаа масовни протести под мотото „Корупцијата убива“, што доведоа до оставка на Понта и неговата влада. Пред тоа, Националната дирекција за борба против корупцијата започна истрага против него за даночни измами и перење пари – обвинувања за кои подоцна беше ослободен.

Подоцна Виктор Понта ја основа партијата ПРО Романија, која на парламентарните избори во 2020 година не успеа да го помине изборниот праг. На изборите во декември 2024 година Понта освои пратеничко место со листата на СДП. Ова е неговата втора кандидатура за претседател, откако на изборите во 2014 година загуби во вториот круг од Клаус Јоханис.

Себастијан Попеску (партија „Нова Романија“) - Себастијан Попеску има 41 година и е лидер на партијата „Нова Романија“, која ја основал во 2015 година. Роден е во малиот град Балш во Јужна Романија (округ Олт).

Попеску се кандидираше и на минатогодишните претседателски избори, освојувајќи 0,15 проценти или 14.683 гласови на првиот круг.
Тој учествуваше и на претседателските избори во 2019 година, кога доби 0,33 проценти од гласовите. Негов приоритет е обединувањето на Романија со Република Молдавија и враќањето на романското државно богатство од Русија.
Во 2006 година Попеску дипломирал на Факултетот за ветеринарна медицина во Темишвар, но по пет години работа по професија, се запишал да студира новинарство. Има два информативни сајта – exclusivnews.ro и recentnews.ro.

Силвиу Предоју (Лига Национално дејство) - 66-годишниот Силвиу Предоју е пензиониран генерал со четири ѕвезди, кој работел во Службата за надворешно разузнавање (SIE) по 1990 година.
Во 2005 година станал втор човек во Службата – прв заменик на директорот – позиција што ја држел до пензионирањето поради возраст во 2018 година.

„Уживав во секој момент од работата како шпион“, пишува Силвиу Предоју во својата официјална биографија и посочува дека работел на најпредизвикувачките и интересни насоки – надворешно контраразузнавање, борба против организираниот криминал, борба против тероризмот.

Силвиу Предоју учествуваше на претседателските избори и во 2024 година, поддржан од партијата Лига за национално дејство (PLAN). Својата политичка програма ја изложи на посебна страница – предлага претседателски модел насочен кон единство, транспарентност и почитување на националните интереси.

Џон-Јон Бану (независен) - 64-годишниот Џон-Јон Бану е од градот Роман во Североисточна Романија. Живеел во округот Арџеш и во Букурешт, каде што дипломирал на Политехничкиот институт. Во 1983 година емигрирал во САД, каде го прифатил името „Џон“ и студирал на Атлантскиот универзитет во Флорида. Во САД, Џон Бану ја основал асоцијацијата Романско-американска лига.

Во 2017 година Бану ја создал партијата Романска нација. Претходно објавувал намери да учествува на претседателските избори во 2019 и 2024 година, но неговата кандидатура не стигнувала до крај. На овогодишните избори учествува како независен кандидат. Централното изборно биро ги упати органите за кривично гонење во врска со низа слични потписи во поддршка на неговата кандидатура, но на крајот му беше дозволено учество на изборите.

Даниел Фунериу (независен) - Доктор по хемија, 53-годишниот Даниел Фунериу е поранешен министер за образование во владата на Емил Бок (2009-2012). Долго време живеел во странство, каде учел и работел.
Во 1988 година заминал на екскурзија надвор од земјата со јасна свест дека нема да се врати. Во Франција побарал политичко засолниште, подоцна студирал хемија на Универзитетот во Стразбур, каде и докторирал.
Од 1999 до 2002 година бил придружен научен соработник во Истражувачкиот институт „Скрипс“ во Калифорнија, САД, а од 2000 до 2006 година – раководител на проект за биолошка хемија во Националниот институт за напредни индустриски науки и технологии во Осака, Јапонија.

Во 2006 година добил стипендија од Европската Унија во износ од два милиони евра за создавање истражувачка група. Нејзината мисија е да открива лекови врз основа на анализи на биолошката сложеност на молекуларно ниво. Истражувањата се спроведуваат во Техничкиот универзитет во Минхен.

Даниел Фунериу се вратил во Романија и во 2008 година освоил место како европратеник од листата на Демократско-либералната партија. Во 2009 година бил назначен за министер за образование. По напуштањето на владата, до 2014 година бил советник на претседателот Трајан Басеску за прашања од образованието, по што се повлекол од политиката.

На овогодишните избори Даниел Фунериу учествува како независен кандидат. Се опишува како кандидат-суверенист, во духот на уставот, но вели дека решенијата што ги предлага го разликуваат од Калин Џорџеску.
За свој предизборен симбол Даниел Фунериу избрал компас, а еден од неговите слогани е „Со лице кон Запад“ – знак за неговата прозападна ориентација и посветеност на европските вредности, пишува „ЏиФорМедија“.

Никушор Дан (независен) - 55-годишниот Никушор Дан беше реизбран во 2024 година за градоначалник на романската престолнина Букурешт за втор мандат. На претседателските избори учествува како независен кандидат.

Дан е математичар по образование и има докторат по математика од Франција, по што се вратил во родната земја. Стана познат со основањето на асоцијацијата „Спасете го Букурешт“ во 2006 година, која се бори против уривањето на куќи од архитектонското наследство, изградбата на високи згради во историски квартови и намалувањето на зелените површини во Букурешт.

По успешното учество на локалните избори во 2012 и 2016 година, Никушор Дан го смени името на партијата во „Сојуз за спас на Романија“ и ја прошири на национално ниво.

Во 2017 година, меѓутоа, тој ја напушти партијата што ја основал поради несогласувања околу референдумот за т.н. „традиционално семејство“. Дан беше против иницијативата „Сојуз за спас на Романија“ официјално да се спротивстави на предлогот бракот да се дефинира како сојуз меѓу маж и жена во уставот. Како мотиви за оваа своја позиција тој наведе религиозни причини и желба во партијата да има место и за луѓе со прогресивни и за оние со конзервативни ставови. Речиси 20 години Никушор Дан живее со својата партнерка Мирабела, со која имаат две деца – девојче и момче. ссм/

фото: ЕПА архива
 

Остани поврзан