• петок, 27 декември 2024

Честитка од Сиљановска-Давкова до американскиот претседател Бајден по повод Денот на независноста на САД

Честитка од Сиљановска-Давкова до американскиот претседател Бајден по повод Денот на независноста на САД

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) -  Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во честитка до претседателот на САД, Џо Бајден, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, во име на македонските граѓани и во лично име упати желби за просперитет и за сестран развој на САД и, како што напиша, „за благосостојба на пријателскиот американски народ“.

-Овој 4 Јули, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост, коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот. Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот, е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот. Споделувајќи и негувајќи ги овие вредности, ние сме горди на традиционалното пријателство со американскиот народ и сме посветени на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, пишува во честитката на Сиљанвска-Давкова. 

Како стабилен партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави во НАТО Алијансата, додава претседателката, „остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот“.

Таа се заблагодарува и за поддршката од страна на Соединетите Американски Држави во спроведувањето на нашите реформски процеси, нагласувајќи дека „ќе продолжиме посветено да работиме на нивната реализација“.

-Нашата крајна цел е унапредување на благосостојбата на македонските граѓани, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на нашиот статус и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО. Повторувајќи ги моите срдечни честитки и надежта дека цврстите врски помеѓу нашите две земји и пријателски народи ќе продолжат да јакнат и во иднина, Ве молам, господине Претседателе, да ги примите изразите на моето највисоко почитување, пишува во честитката на Сиљановска-Давкова. хс/дма/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан