• сабота, 23 ноември 2024

Хусејин: Прекувремената работа со законските измени не значи 60 часа неделно

Хусејин: Прекувремената работа со законските измени не значи 60 часа неделно

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Со измените на Законот за работни односи  што со денешната одлука на Владата, во пакет со други законски измени за изградбата на коридорите 8 и 10д ќе се носат со европско знаменце, се дефинира дека заради континуитет во работата на овој проект прекувремена работа може да трае подолго од осум часа неделно и 190 часа годишно. 

Според заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин, прекувремената работа не значи 60 часа неделно, таа ќе зависи од временските услови на терен и од активностите на процесите на трасите, а секој прекувремен час ќе биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор и со изјава за согласност од работникот.

-Работата над 40 часа неделно ќе се смета и плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор. Тоа значи дека работникот ќе има право на одмор од најмалку 12 часа  во непрекинато меѓу  два последователни денови во текот на 24 часа. Исто така, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите што се вршат во работоте од национален интерес се јави потреба да можат да се спроведува и во недела. Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на плата на работници на проекти од национален и стратешки интерес, рече Хусејин на прес-конференцијата во Владата на која беа презентирани законските измени. 

Тој тврди дека изградбата на коридорите 8 и 10д во никаков случај нема да претставува експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со закон.

-Станува збор за прекувремена работа, а прекувремената работа секогаш постоела во градежништвото особено ако се работи за национален интерес. Прекувремената работа не значи 60 часа неделно, но и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа. Тоа ќе зависи од временските услови за работата на терен, односно поинтензивно ќе се работи во месеците во пролет, лето и средината на есен. Истовремено, прекувремената работа ќе зависи од активностите на процесите на трасите што значи дека ќе има денови кога воопшто ќе нема потреба од прекувремена работа,  рече заменик министерот за труд.

Работниците, дополни тој, се заштитени со Закон за работни односи, а секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 проценти согласно Законот и Колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено, а доколку не сака нема да биде принуден да работи со сила прекувремено. Согласно со законот работниците ќе имаат и слободен ден, информираше заменик министерот Хусејин.

И вицепремиерот Артан Груби, на новинарско  прашање, посочи дека не се предвидени 60 часа работно време. Повтори дека во Договорот не постојат пенали и оти со сегашното законодавство проектот ќе чини повеќе. 

-Никаде не пишува 60 часа. Уставниот суд го укина член 12 од специјалниот закон, таму се однесуваше на 60 часа. Овде се зборува за дополнителни работни часови повеќе од редовните осум  работни часови во нашата земја и за сите тие дополнителни часови се плаќа и мора претходно да има писмена согласност од страна на работникот, што не мора да значи дека ќе прифати. Ако прифати ќе се плати дополнително како што е согласно со Законот. Притоа сите права им се заштитени, рече Груби. 

На почетокот на минатиот месец на предлог на група пратеници во Собранието беа предложени пакет законски измени за проектот за коридорите меѓу кои и на Законот за работни односи со кои се предвидуваше продолжување на работните часови за работниците што ќе бидат ангажирани во изградбата на коридорите. Расправата во матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика за предложените измени беше блокирана од политичката партија Левица која поднесе 1.111 амандмани, по што ресорната министерка Јованка Тренчевска најави дека МТСП се вклучува во подготовката  на законските измени и оти ќе се дефинира горната граница. лв/аа/

фото МИА Архива

 

 

Остани поврзан