• сабота, 23 ноември 2024

ХЕРА преку проектот „Простор за разговор“ дискутира и анализира со младите за родовата еднаквост

ХЕРА преку проектот „Простор за разговор“ дискутира и анализира со младите за родовата еднаквост

Штип, 21 мај 2024 (МИА) – Голем доказ дека се уште постојат стереотипи и родова нееднаквост во општеството е бројката пријавени случаи на насилство врз жени и девојки и семејно насилство, истакна денеска Бети Пеева од Здружението „ЕХО“од Штип на дебатата и перформаност за јакнење на родова нееднаквост „Простор за разговор“ во организација на ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, што се одржаа денеска  во Мултимедијалниот центар на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип.

Пеева посочи дека од 2021 до 2023 година за 176 насто е зголемено насилството врз жените и девојките и семејното насилство.

-Што значи дека минатата година имавме пријавено 288 случаи на насилство врз жени и девојчиња и семејно насилство. Оваа бројка е со тенденција да расте се повеќе, затоа што забележавме дека всушност се зголемува и економската зависност на жените што допринесува, тие и да не пријавуваат, меѓутоа и откако ќе пријават да се предомислат, вели Пеева.

Елизабета Божиноска Програмски директор на ХЕРА денеска од Штип истакна дека кај нас професиите се делат на машки и женски. Ова, вели, е најизразено во науката и политиката. Посочува дека само 2,5 проценти од општините во државата, имаат жена за градоначалник.

-Тоа не значи дека жените не можат подеднакво со мажите. Треба низа на предуслови да бидат создадени за поддршка на жените, но и да се создадат квоти на различни нивоа. Само во Собранието имаме квота -40 % и тоа е еден пример што укажува дека таму што имаме квоти, жените и те како можат да бидат успешни, вели Божиноска.

Таа истакна дека целта им е преку вакви настани да придонесат во искоренувањето родовите нееднаквости, да се зајакнат младите и маргинализираните заедници.

Познатата балерина и универзитетски професор на катедрата за Современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Рисима Рисимкин истакна дека преку овој проект сакаат младите да ги поттикнат да се отворат и да разговораат на темата родова нееднаквост. Забележа дека во балетот повеќе доминираат девојчињата, отколку момчињата.

-Кај нас се гледа тоа и по присуството колку има во студиото за танци. Повеќе доаѓаат девојчиња отколку момчиња и овде се гледаа таа родова поделеност, рече  Рисимкин.

Граѓанските активисти сметаат дека земјава има легислатива за родова еднаквост и таа е многу унапредена за разлика од претходните години, но за жал тоа е само на хартија. вдј/сст/

Фото: МИА

 

Остани поврзан