• среда, 13 ноември 2024

Фармацевтите, важна алка во пристапот на младите до информации и услуги за контрацепција

Фармацевтите, важна алка во пристапот на младите до информации и услуги за контрацепција

Скопје, 17 мај 2023

 

Иако постои пораст на употребата на контрацепција во земјава, од
9,8 % во 2005 на 14 % во 2020 година, сепак дури 10 % од нив отпаѓаат на користење на кондомот. Останатите контрацептиви, како што се апчињата и спиралата, сѐ уште премалку се користат.

Загрижувачки е фактот што над 35 % од младите сѐ уште се потпираат на прекинување на сексуалниот однос, како традиционален метод на спречување на непланираната бременост.

Од друга страна, фармацевтите се најчесто првите здравствени работници од кои младите бараат информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје, особено во услови на криза.

Токму затоа, ХЕРА понуди платформа за дијалог меѓу младите и фармацевтите во рамките на националната конференција „Младите и фармацевтите – Заедно за достапна контрацепција!“.

„Имаме системски проблеми, а немаме системски решенија! Оставено е на милоста и добрата волја на поединци и на некои организации да спроведуваат превенција и едукација на народот, а за време на пандемијата со ковид-19 уште повеќе се потенцираа проблемите што си ги имавме од поодамна. Има млади кои финансиски не можат да си дозволат контрацептиви, па единствен начин да се заштитат од непланирана бременост и сексуално преносливи инфекции е да се потпрат на невладиниот сектор кој овие средства ги обезбедува теренски“, истакна Марија
Ѓорѓиевска, волонтерка во ХЕРА.

Волонтерката Мартина Павловиќ, пак, укажа на неопходноста од воведување на
сеопфатно сексуално образование: „Последниве години се соочуваме со епидемии на некои сексуално преносливи инфекции што мислевме дека веќе не постојат. Само свесни и едуцирани млади ќе знаат што е правилно, кои се нивните права и како да ги побараат и уживаат.“

„Високата цена на пазарот, невработеноста и недоволната информираност на младите за видот и начинот на користење на контрацептивите се најчестите бариери со кои се соочуваат младите. Најважниот совет што фармацевтите им го даваат е да се консултираат со матичен гинеколог“, посочи Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора. Според неа, многу е важно Министерството за здравство да ги вклучи фармацевтите во своите превентивните програми бидејќи тие се „најдостапните здравствени работници, што значи дека
корист би имале не само граѓаните, туку и самиот здравствен систем“.

Дека во нашето општество постои „хормонофобија“ и недоволна информираност, па
поради тоа и низок степен на употреба на контрацепција информира гинекологот Татјана Гуржанова. Хормоналната контрацепција, наведе таа, постои уште од 1960 година, и досега се развиени сосема безбедни препарати чии негативни ефекти се сведени на минимум.

„Младите попрво би посетиле аптека отколку матичен лекар или гинеколог, заради што едукацијата е важна и за фармацевтите. За да може да ги даде вистинските препораки, фармацевтот треба да ги постави вистинските прашања. Непланираната бременост има многу повеќе негативни здравствени ефекти отколку контрацепцијата - и социјални и психолошки - кои не се краткотрајни и не се реверзибилни. Покрај ова, секогаш се препорачува фармацевтите да ги
советуваат младите да користат и бариерна контрацепција заради превенција од инфекции“.

Ирина Луческа од Фондот за здравствено осигурување изјави дека Позитивната листа на лекови не е проширена цели 13 години и дека не вклучува ниту едно контрацептивно средство. „Поради ова, Македонија е критикувана од глобалните развојни агенции, веројатно со право.

Но, од март наваму, откако е донесен новиот Правилник, секој производител може да аплицира во Министерството за здравство и да отпочне постапка за ставање контрацептивното средство на Позитивната листа. Доколку фармацевтите се дел од системот на обезбедување советување и информирање за користење на контрацепција, состојбата во земјата сигурно ќе се подобри“.

Билјана Божиновска, фармацевтка и сопственичка на аптеката „Дна Анни Фарм“ истакна дека аптеките се важна алка во пренесувањето точни информации до младите, но и до нивните родители. „Користејќи ја политиката на рекламирање, аптеките може да придонесат во борбата против стигмата и предрасудите за сексуалното и репродуктивно здравје. Од друга страна, во самата аптека, секој фармацевт треба да покаже и емпатија кон младиот човек и да знае да ги
постави вистинските прашања во врска со контрацепцијата“.

„Во нашата легислатива не постојат никакви ограничувања за користење на
контрацепцијата за младите, освен согласноста на родителот кога станува збор за малолетни лица и лица со попреченост“, подвлече Сања Саздова, државна советничка во Министерството за здравство.

„Го очекуваме усвојувањето на Стратегијата за млади, по што ќе подготвиме
акциски план кој ќе опфаќа и активности за сексуалното и репродуктивно здравје на младите, вклучително и за пристапот за модерна контрацепција. Заеднички може да работиме за да ја оствариме целта и да воведеме еден контрацептив на Позитивната листа на лекови.

ХЕРА

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан