• среда, 27 ноември 2024

Јавна расправа за кандидатите за именување на членови на Советот на АВМУ

Јавна расправа за кандидатите за именување на членови на Советот на АВМУ

Скопје, 13 ноември 2024 (МИА) - Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе одржи седница, на чиј дневен ред е јавна расправа за кандидатите кои ги исполнуваат условите по Одлуката за објавување на Јавен конкурс за именување на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. 

Вкупно 24 кандидати ќе се борат за седумте нови места во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Тие веќе го поминаа „филтерот“ на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, по што на јавна расправа ќе одговараат на прашањата од пратениците.

Профилот на кандидатите за членови на Советот е разнолик и дел од нив, меѓу другото, се и правници, новинари, аналитичари, информатичари…Меѓу нив има и актуелни членови на Советот, но и вработени на други позиции во АВМУ.

На јавниот конкурс беа пријавени 31 еден кандидат, во меѓувреме еден се откажал, а шестмина беа дисквалификувани на седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата која се одржа на 4 ноември, зашто не донеле уверение за државјанство и останаа 24. Собранието со двотретинско мнозинство треба да ги избере седумте члена на Советот на АВМУ.

Условите за член на АВМУ ги исполнувале кандидатите Сашо Стефановски, Нафије Селмани, Драгица Љубеска, Миле Бошњаковски, Петар Џуровски, Емилија Петреска Камењарова, Шабан Даљипи, Андријана Скерлев Чакар, Лазо Петрушевски, Зоран Фиданоски, Арбен Саити, Емилија Јаневска, Давор Башоски, Даут Даути, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Владимир Ѓорѓиевски, Елена Стојковска, Зеријета Хајро Јајага, Цветанка Миновска, Виктор Грозданов, Стојанче Наумов, Афрона Верзиволи и Борис Арсов.

Не ги исполниле условите следните шест кандидати - Маријанчо Танушевски, Димитар Мицев, Дарко Стефановски, Селфер Ајдини, Виолета Симова Билбиловска и Владимир Крстески.

Законот забранува за член на Советот да биде избрано лице кое е именувано од страна на Собранието или Владата. Законот, исто така, забранува за членови на Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политичките партии во последните 10 години. Законот бара кандидатите да имаат работно искуство од најмалку осум години во струката и кои во јавноста се истакнале во областа на комуникологијата, новинарството, информатиката, културата, економијата или правото.

На седницата на Комисијата за прашања на изборите и именувањата одржана на 4 ноември, пратеничката на Европскиот фронт Иљире Даути обвини дека повеќето од пријавените кандидати за членови на Советот на АВМУ и се познати на јавноста и инволвирани во државни органи или политички партии. Таа ја напушти седницата на Комисијата бидејќи, како што рече, не сака да учествува во политизирањето на оваа институција, која треба да биде независна. 

Сегашните членови беа избрани во 2014 со мандат од 7 години. Законот потоа се смени за мандатот да се скрати на 5 години, но беа донесени измени мандатот да им трае додека не се изберат нови. Со години Собранието не можеше да изгласа нови, што беше нотирано и во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. фф/нд/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан