• сабота, 23 ноември 2024

Усвоен новиот Европски закон за слобода на медиумите 

Усвоен новиот Европски закон за слобода на медиумите 

Брисел, 26 март 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска во последна инстанца го усвои Европскиот закон за слобода на медиумите, кој има за цел заштита на слободата на медиумите, медиумскиот плурализам и независноста на уредувачката политика во Унијата. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА) се воспоставува заедничка рамка за медиумските услуги на ниво на ЕУ и се воведуваат мерки насочени кон заштита на новинарите и медиумите од политичко мешање, а истовремено треба да придонесе за олеснување на нивното работење. 

Новите правила го гарантираат правото на граѓаните за пристап до бесплатни информации од повеќе извори и ја дефинираат одговорноста на земјите членки да обезбедат соодветни услови и рамка за заштита на новинарите и медиумите. 

Според фламанскиот министер млади, медиуми и намалување на сиромаштијата Бенјамин Дале, независните медиуми се витален елемент на секое слободно и демократско општество. 

- Денешното усвојување на Законот ја покажува континуираната посветеност на ЕУ за заштита на новинарите и на слободата и плурализмот на медиумите, додаде Дале. 

Усвојувањето на регулативата претставува одговор на зголемената загриженост во ЕУ за политизацијата на медиумите, за недостигот на транспарентност околу сопственоста на медиумските куќи и за начинот на користење на државните средства за рекламирање.  

Со Законот, се воспоставуваат заштитни мерки за борба против политичкото мешање во уредувачката политика на медиумите, за заштити новинарите и нивните извори на информации и за гарантирање на медиумските слободи и плурализам. 

Законот се надоврзува на одредбите од Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018 година и со него се воведува независен Европски одбор за медиумски услуги, кој ќе ја замени Групата на европски регулатори за аудиовизуелни медиумски услуги (ЕРГА) основана врз основа на оваа Директива. Европскиот одбор за медиумски услуги ќе биде составен од претставници на националните медиумски власти и ќе ја советува и поддржува Комисијата и ќе промовира доследна примена на клучните одредби од Законот, вклучително и преку давање мислења и помош на ЕК во подготовката на одредени упатства. 

Европскиот закон за слобода на медиумите ќе стапи во сила 20 дена по неговото објавување во Службениот весник на ЕУ. 

Советот на ЕУ посочува дека слободата на медиумите и плурализмот се вградени во Повелбата за основните права на Европската унија и Европската конвенција за човекови права, но неколку неодамнешни извештаи укажуваат на политизацијата на медиумите, недоволна транспарентност околу сопственоста на медиумите и независноста на националните медиумски власти. 

Носењето на Европскиот закон за слобода на медиумите го најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во нејзиното обраќањето пред ЕП за Состојбата на Унијата во 2021 година. Комисијата го објави Предлог-законот на 16 септември 2022 година, а неговата конечна верзија беше усогласена меѓу Советот на ЕУ и Европскиот парламент на 15 декември минатата година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан