• сабота, 23 ноември 2024

УНИЦЕФ им посакува успешна учебна година на сите ученици, наставници и вработени во училиштата

УНИЦЕФ им посакува успешна учебна година на сите ученици, наставници и вработени во училиштата

Скопје, 2 септември 2024 

„Сега кога децата се враќаат во училишните клупи, ајде да се погрижиме секое од нив да се чувствува вклучено, поддржано, разбрано и подготвено за учење и покрај тековните предизвици на нашите училишта да станат поинклузивни, побезбедни и поотпорни на климатските промени. Образованието е темелот за создавање безбедно, инклузивно, просперитетно и одржливо општество. Во него треба постојано да се вложува за секое дете да го развие својот целосен потенцијал и да ги стекне потребните вештини за успех во животот.

Да се создаде средина каде што се негува различноста и се вреднуваат сите ученици е од суштинско значење за реализација на целосниот потенцијал на секој ученик. Ваквиот пристап не само што поттикнува поправедно и поемпатично општество, туку и гарантира дека секој ученик ќе расте и ќе напредува. Учениците кои учат во училишта кои се инклузивни, безбедни и отпорни на климатските промени постигнуваат значително подобри резултати од учењето.

Северна Македонија има добра законска основа за инклузивно образование. Сепак, при неодамнешните консултации на УНИЦЕФ со клучните чинители беше истакната потребата од дополнителна поддршка, при што приоритет треба да се даде на подобрување на вештините на наставниците и искористување на капацитетите на Ресурсните центри, како и на обезбедување наставни материјали и асистивна технологија. Исто така, на децата и семејствата им треба подобар пристап до дополнителни услуги кои ќе го поддржат  учењето и ќе им овозможат стекнување животни вештини.

Да се создаде безбедна и пријатна средина – без насилство, средина која го чува и негува менталното здравје – е од суштинска важност. Многу деца и адолесценти страдаат во тишина, поради стигмата или недостатокот на иницијативи со кои се промовира менталното здравје и се спречува насилството. Цената на оваа тишина е изгубениот човечки капитал, како и нарушената хармонија и просперитет на семејствата, заедниците и нациите. Училиштето треба да биде сигурна и безбедна средина во која децата и адолесцентите учат и напредуваат.

Училиштата мора да се осврнат и на предизвиците што ги носат климатските промени. Екстремната топлина може значително да влијае врз развојот на децата, што води кон лошо здравје и исхрана, како и кон послаб образовен успех. УНИЦЕФ го поздравува протоколот за работа на училиштата при топлотни бранови што го изработи Министерството за образование и наука. Со овој протокол, училиштата се насочуваат да направат неопходни прилагодувања со цел учениците да се заштитат од ефектите на екстремни горештини и да продолжат да учат во здрава и сигурна средина. Покрај овие итни мерки, мора да направиме и долгорочни инвестиции за поголема климатска отпорност на училиштата, при што училишните згради, дворовите и игралиштата ќе имаат доволно зеленило, сенка и посвежи места за да  може да функционираат во услови на сè повисоки температури.

Ајде заедно да се погрижиме секое дете во секое училиште да го достигне својот највисок потенцијал, како на академски така и на личен план.“

Лесли Милер, претставничка на УНИЦЕФ

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан