Уапсени седум криумчари меѓу спасените 483 мигранти кај Крит
- Од брегот на Либија тргнал рибарскиот брод со 483 лица кои во вторникот беа спасени во близина на грчкиот остров Крит, а мигрантите платиле од 3.000 до 4.000 долари по човек за да стигнат во
Атина, 26 ноември 2022 (МИА) – Од брегот на Либија тргнал рибарскиот брод со 483 лица кои во вторникот беа спасени во близина на грчкиот остров Крит, а мигрантите платиле од 3.000 до 4.000 долари по човек за да стигнат во Италија, соопшти крајбрежната служба на Грција по спроведената истрага, во која се уапсени и седум криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.
Седумтемина уапсени криумчари биле меѓу спасените мигранти, а „при нелегалниот транспорт управувале со рибарскиот брод, долг околу 25 метри и имале различни улоги на бродот, кој поради вишокот на патници и недостатокот на средства за спасување живот, беше непловен“.
По спасувачката акција, била спроведена и прелиминарна истрага од службеници на крајбрежната служба и полицискиот оддел од градот на Ханија на Крит со помош на службеници од Дирекцијата за безбедност и гранична заштита и во соработка со Мобилната канцеларија на Еуропол која резултирала со апсење на седум лица кои, меѓу другото, се товарат и за нелегален влез во земјата; помагање за нелегален влез во земјата; формирање криминална организација; изложување на лица на опасност итн и ќе бидат изведени пред јавен обвинител.
Од крајбрежната служба на Грција додадоа дека ги анализира и обработува сите податоци и се истражува евентуална вмешаност на уапсените и во други случаи, како и можна нивна соработка со други членови на организирани мрежи за криумчарење мигранти.
Спасените мигранти, од кои 336 се мажи, десет жени, 128 се малолетни момчиња и девет малолетни девојчиња од средата, привремено се пренесени и сместени во патничкиот брод закотвен на пристаништето во Палеохора во југозападниот дел на грчкиот остров Крит.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, веднаш по спасувачката акција испрати писма до потпретседателот на Европската Комисија Маргаритис Схинас и комесарката за внатрешни прашања на ЕУ Илва Јохансон и побара ЕК итно да интервенира за релокација на спасените мигранти.ср/
Фото: Крајбрежна служба на Грција