• сабота, 23 ноември 2024

Вкупно 13 лица загинаа во два израелски напада врз Појасот Газа

Вкупно 13 лица загинаа во два израелски напада врз Појасот Газа

Газа, 9 ноември 2024 (МИА) - Најмалку 13 лица, меѓу кои жени и деца, загинаа во два одвоени напада на израелската армија (ИДФ) врз цели во Појасот Газа, соопштија денеска палестинските медицински претставници.

Еден од нападите бил извршен врз училиште што било претворено во засолниште, во населбата Туфах, на истокот од Појасот Газа, а во тој напад загинале најмалку шест лица, соопшти палестинското Министерство за здравство, наведувајќи дека меѓу мртви се двајца локални новинари, една бремена жена и едно дете, пренесуваат американските медиуми.

Во вториот напад на ИДФ загинаа уште седум лица кога бил погоден шатор со бегалци во градот Кан Јунис, во јужниот дел од окупираната палестинска енклава, соопштија официјални лица од болницата Нашер, додавајќи дека меѓу загинатите има две жени и едно дете.

Израелската војска не одговори веднаш на барањето за коментар во врска со нападите, но израелските власти оттогаш објавија дека првата пратка хуманитарна помош пристигнала во северниот дел на окупираната палестинска енклава по еднонеделна суспензија на испораките.

COGAT, израелското воено тело одговорно за хуманитарна помош за Појасот Газа, денеска објави дека 11 камиони со хуманитарни материјали, храна, вода и медицинска опрема стигнале до северниот дел на палестинската енклава, вклучувајќи го и бегалскиот камп Џабалија.

Ова е првпат хуманитарна помош да стигне до северниот дел на окупираната палестинска енклава откако Израел започна нова воена кампања минатиот месец.

Сепак, експертите на ОН предупредуваат дека постои голема веројатност наскоро да дојде до глад во северните делови на Појасот Газа.

Обединетите нации проценуваат дека десетици илјади луѓе се уште се во областа, а претходно оваа недела палестинското Министерство за здравство соопшти дека во моментов нема амбулантни возила или медицински тимови кои работат таму.сд/

Остани поврзан