• среда, 16 октомври 2024

Традиционален базар на храна во Македонска Каменица

Традиционален базар на храна во Македонска Каменица

Македонска Каменица, 16 октомври 2024 (МИА) - По повод 16 октомври - Светскиот ден на храната, во Македонска Каменица се одржа традиционалниот Базар на храна. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски кој изрази одушевување од креациите на учениците од деветолетката  ,,Св.Климент Охридски" која го организираше настанот.

-Во позитивна атмосфера, полна со детска ведрина, ентузијазам и енергија, денеска се одржа традиционалниот Базар на храна во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Со своето присуство, изразив поддршка на оваа убава иницијатива спроведена од учениците и наставниците. Ваквите настани се од големо значење за развој на заедницата и имаат особена важност во поттикнувањето на младите луѓе да бидат активни и социјално одговорни, истакна Атанасовски.

Собраните средства од продажбата на домашните специјалитети подготвени со помош од нивните родители и наставници, ќе бидат наменети за финансирање различни активности во училиштето, меѓу кои културни и други забавни настани.

Денешниот настан организиран по повод 16 Октомври - Светскиот ден на храната како што додадоа од училиштето претставува одлична можност за учениците да ја покажат својата креативност и да го промовираат здравиот начин на исхрана. вс/са/

Фото: Општина М.Каменица

Остани поврзан