• среда, 25 декември 2024

Писонеро: Исплатите на првите средства од Планот за раст на Западниот Балкан се можни наскоро 

Писонеро: Исплатите на првите средства од Планот за раст на Западниот Балкан се можни наскоро 

Брисел, 16 октомври 2024 (МИА) – Европската комисија работи на одобрување на реформските агенди доставени од пет од шесте земји од Западниот Балкан, како и на подготовка на договорите врз основа на кои наскоро ќе биде можна исплата на првите средства во рамки на Планот за раст на регионот, информира денеска портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро. 

- Откако земјите членки (на ЕУ) на 11 октомври дадоа позитивно мислење за реформските агенди што беа доставени од Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, Комисијата сега ќе премине кон следниот чекор - формално одобрување на реформските агенди. Ова очигледно ќе се случи наскоро, рече Писонеро. 

Таа додаде дека паралелно со одобрувањето на агендите, Европската комисија работи и подготовка на договори со петте земји партнери од Западниот Балкан за Механизмот за реформи и раст и за заеми, што ќе овозможи исплата на средствата предвидени за предфинансирање во рамките на Планот за раст. 

- Овие договори треба да бидат потпишани и ратификувани од земјите членки, па затоа одредувањето на временскиот рок не е сто проценти во наши раце. Но, очекувањата се дека исплатите се можни наскоро, додаде Писонеро. 

До крајниот рок, 1 октомври, своите предлог-реформски агенди до ЕК ги доставија сите земји од регионот, со исклучок на Босна и Херцеговина, каде постапката за нејзино усвојување е заглавена во законските процедури. 

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји вчера најави дека се очекува првите исплати на средства во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан да бидат реализирани уште во текот на овој месец.   

- Сега отчукува часовникот со цел земјите кандидатки да започнат со реализација на реформите за да можеме да напредуваме со понатамошната исплата на средства, изјави Вархеји по одржувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што земјата ги започна пристапните преговори по кластери.       

Вархеји потсети дека Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан има за цел да обезбеди дополнителни инвестиции во инфраструктурата, но и да им помогне на земјите од регионот да ги споредат суштинските реформи кои се неопходни за да станат членки на Унијата. За таа цел се предвидени шест милијарди евра во форма на грантови и заеми, чија исплата зависи од постигнувањето резултати во спроведувањето на утврдените реформски агенди. сп/

Фото: Скриншот

Остани поврзан