• недела, 24 ноември 2024

Тошковски: Ниту еден полициски службеник не смее да биде член на политичка партија

Тошковски: Ниту еден полициски службеник не смее да биде член на политичка партија

Скопје, 5 април 2024 (МИА) – Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска порача дека ниту еден полициски службеник не смее да биде член на политичка партија.

Министерот на денешната прес-конференција по остварената работна посета на СВР Скопје, одговорајќи на новинарско прашање околу фотографии на полициски службеници кои се појавија со политичари во Тетово рече дека ќе го провери случајот.

-Не би можел да прокоментирам нешто што не сум го видел. Нареден пат ќе ви дадам одговор на прашањето. Но, во секој случај согласно закон ниту еден полицаец не смее да биде дел од политичка партија, изјави Тошковски.

Додаде дека ќе провери и дали полицаец има право да се фотографира со политичар за време на кампања.

Тошковски, исто така посочи дека во Министерството за внатрешни работи се потребни системски и суштински промени.

- Работењето на Министерството за внатрешни рбаоти и тоа како треба да се подобрува и од технички, човечки аспект, потребни се и обуки во министерството. Во текот на овој краток временски период додека сум во Министерството заклучив дека една од клучните работи на кои ќе треба да се посвети внимание е едукација на полициските работнци како од аспект на униформирани полициски службеници, така и од апсект на полициски службеници кои постапуваат во останатите делови во Министерството, катастрофално стоиме во делот на техничка опрема, тука особено треба да се посвети внимание, појасни министерот.

Во однос на убиството на докторот кое се случи неодамна, Тошкоски рече дека моментно нема осомничен и дека не би можел да открие повеќе информации со цел да не ја загрози истрагата.свс/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан