• четврток, 26 декември 2024

Спасовска за МИА: Хоровите имаат недостиг на млад кадар, потребна е поголема информираност за овие вокални ансамбли

Спасовска за МИА: Хоровите имаат недостиг на млад кадар, потребна е поголема информираност за овие вокални ансамбли

Скопје, 7 јули 2024 (МИА) - Во хоровите денес се јавува недостиг од млад кадар. Ова најверојатно е резултат на слабата информираност за значењето на хорот. Потребно е да се вратат аудициите во основните училишта, преку кои се раѓа желбата на децата за пеење. Важно е уште од најрана возраст на детето да му се даде можност да се запознае со хорот, вели Ангелина Спасовска, дипломиран хорски диригент.

Спасовска во изјава за МИА нагласува дека е тешко да се направи мешан хор затоа што се помалку мажи се запишуваат на факултет за музичка уметност. Затоа, додава таа, повеќето од диригентите се одлучуваат за женски хорови. 

Во моментот таа е член на Женскиот младински хор при МКЦ, во кој пее веќе седма година. Три години е дел и од професионалниот хор „Про Арс“, а од неодамна е дел и од црковниот хор при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Веќе втора година го води Хорското музичко друштво „Кочо Рацин" во Скопје. 

Желбата на Спасовска за музиката се родила уште од најрана возраст. Во основно училиште нејзиниот омилен предмет бил музичкото образование, а тамошниот наставник Ангел Ќосев, веројатно и прв го открил нејзиниот музички талент.

-Во основното училиште првпат учествував во хорот, а редовно настапував, односно пеев на настани како „Карпошово лето", „Сокол", како и на завршните концерти од основното училиште. Уште на деветгодишна возраст, преку аудиција која во тоа време се правеше во сите основни училишта во Скопје, почнав да пеам и во детскиот хор „Изворче" кој го водеше Запро Запров, каде што имаат поминато многу генерации на сегашни професионални музичари. Така, постепено се развиваше желбата да продолжам по музичкиот пат, објаснува Спасовска за МИА.

Спасовска ги заврши студиите оваа година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на отсекот музичка теорија и педагогија со хорско диригирање. Таа вели дека ниту еден предмет не и претставувал голем предизвик. Појаснува дека секој предмет си бара труд и посветеност, и доколку го исполниш тоа, со сигурност ќе има позитивни резултати.

-На Факултетот за музичка уметност учиме од професионалци, луѓе со долгогодишно искуство во сферата на професоналната музика, кои имаат и можат да пренесат големо знаење, додава таа.

На прашањето колку е важно за еден млад човек кој сака професионално да се занимава со музиката, да го продолжи своето образование на факултет за музичка уметност, Спасовска вели дека е од круцијална важност затоа што знаењето за музичката уметност, најмногу може да се стекне во високообразовна институција.

Како што појаснува, музика може да прави и изведува секој, но за да се направи уметност, треба многу знаење, стекнато од врвни музичари, многу труд и влог. 

- Да се биде дел од хор е за мене непроценливо искуство. Се стекнува пред се знаење за тоа како се изведуваат разни жанрови на музика, се стекнува чувство за тимска работа, се стекнуваат пријателства, дружби и после долга работа, се чувствува едно задоволство откако успешно ќе се оствари целта што сме ја замислиле, а тоа се концертите, многубројните учества на фестивали и натпревари кај нас и секаде во светот, објаснува Спасовска за МИА. 

За хорот, додава, потребна е врвна професионалност. Таа објаснува дека на сите настапи им приоѓа професионално, но како посебни ги издвојува концертите со Филхармонија и „Про Арс“, како и концертите што ги имаат со женскиот младински хор при МКЦ.

По концертот што се одржа во Копенхаген, Спасовска информира дека на 11 јули со Женскиот младински хор ќе бидат дел од истиот концерт и премиерата на филмот „Ефтеркланг: Македониум бенд“, за време на отворањето на „Синедејс“ во Скопје.

Прашана со кои предизвици најмногу се соочуваат хористите, Спасовска вели дека генерално во ниту една сфера не е лесно да се успее.

-Предизвици има многу, како хорист се соочуваш со секакви музички дела, комплексни за совладување и за кои имаш ограничено време, додека како хорски диригент, посебно со аматерски хор, предизвици има безброј. Освен што треба да продготвиш музички необразовани луѓе, треба да се занимаваш и со организациски, педагошки работи, како и менаџирање со кои секој диригент се соочува, вели Спасовска за МИА. 

Нејзината најголема инспирација се сите успешни диригенти, почнувајќи од нејзиниот професор м-р Сашо Татарчевски, па се до диригентите на национално и светско ниво. Од секој од нив, како што вели, може многу да се научи. 

На сите млади луѓе кои сакаат да го продолжат образованието во оваа насока, Спасовска им порачува дека треба да се храбри, без разлика на сите препреки, да не се откажуваат и да продолжат да си го остваруваат сонот да станат музички уметници. 

Зборувајќи за идните планови, таа вели дека сака да постигне резултати и успеси на национално и светско ниво.

- Како и за секој млад уметник, желба ми е да постигнам резултати и успеси на национално и светско ниво. Исто така да продолжам со учеството во многу хорови и заедно да создаваме уметност, вели Спасовска.

Сепак, Спасовска е децидна дека образованието ќе го продолжи надвор од границите на државата. 

-Во државата музичари има многу, а позиции малку. За секој музичар борба е да се дојде до работно место. Државата не препознава ниту квалитет. „Непостоечки" музичари се финансирани со огромни средства, додека квалитетните музичари и ансамбли се оставени да се снаоѓаат сами, додава Спасовска.

Бисера Трајковска

Фото: Фросина Насковиќ, архива на Ангелина Спасовска

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан