• четврток, 26 декември 2024

Тебас предвидува пониски плати на играчите и помалку трансфери

Тебас предвидува пониски плати на играчите и помалку трансфери
Мадрид, 12 мај 2020 (МИА) - Шпанските фудбалски клубови немаат друга алтернатива освен да се соочат со намалување на платите на нивните играчи следната сезона поради финансиска штета од коронавирусот, изјави претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас. Сезоната во Шпанија е прекината од средината на март, и покрај тоа што натпреварите најверојатно ќе бидат рестартирани кон средината на јуни без гледачи, лигата сепак проценува дека клубовите ќе загубат комбиниран приход од 300 милиони евра поради присилната пауза. За да се справат со тешките финансиски загуби, многу клубови, меѓу кои и Барселона и Атлетико Мадрид, воведоа привремени намалувања на финансискиот надоместок за време на вонредната состојба на земјата, иако Тебас верува дека ќе бидат потребни дополнителни кратења. - Клубовите ќе мора да ги намалат платите на своите играчи, нема друг лек, рече Тебас на виртуелната конференција организирана од Иберо-американскиот институт за спортско право, цитиран од шпански „АС“. Шпанските клубови потрошија рекордна сума пари на трансфери минатата година, вклучувајќи 120 милиони на Барселона за Антоан Гризман и 126 милиони на Атлетико за Жоао Феликс. Но, според Тебас, клубовите треба годинава значително да ја ограничат својата трансферна активност во обид да се справат со строгите контроли на плати, кои утврдуваат колку тимовите можат да потрошат според предвидените приходи. - Клубовите сега имаат состави, кои ќе го надминат таванот на платите следната сезона, а екипите ќе треба да таргетираат играчи од училиштата, затоа што трансферите што ја надминуваат оваа граница нема да бидат дозволени, ќе биде невозможно да се направат. Мислам дека нема да има многу трансфери следната сезона, во Шпанија и остатокот од Европа. Тековната состојба нема да го дозволи тоа. Тимовите или ќе треба да ги намалат платите на своите играчи или ќе треба да потпишат со помалку и поевтини играчи на пазарот, заклучи Тебас.

Тагови

Остани поврзан