Танги: Размислуваме за усвојување резолуција за поддршка македонската евроинтеграција во францускиот Парламент по примерот на Бундестагот
- Националното собрание на Франција е на добар пат да усвои резолуција за реафирмација на македонскиот јазик на патот на Северна Македонија кон Европската Унија, по примерот на документот усвоен во германскиот Бундестаг, најавува пратеничката во францускиот Парламент Лилијана Танги, која доаѓа од редовите на владејачката партија Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон.
Скопје, 22 јуни 2023 (МИА) - Националното собрание на Франција е на добар пат да усвои резолуција за реафирмација на македонскиот јазик на патот на Северна Македонија кон Европската Унија, по примерот на документот усвоен во германскиот Бундестаг, најавува пратеничката во францускиот Парламент Лилијана Танги, која доаѓа од редовите на владејачката партија Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон.
- За време на нашите разговори навистина забележавме дека тоа силно се очекува од страна на нашите македонски соговорници и се разбира дека разговаравме меѓу нас и мислам дека сме на добар пат за да го усвоиме истиот текст како пратениците од германскиот Бундестаг, вели Танги во интервју за „360 степени“, која деновиве престојува во посета на земјава како дел од делегацијата на Пратеничката група за пријателство со земјава при француското Собрание.
Таа нагласува дека иницијативата на германскиот Бундестаг е интересна, лично ја поддржуваа и смета дека и мнозинството пратеници од француското Собрание би можеле да ја поддржат, па затоа во својство на претседателка на Групата за пријателство помеѓу Франција и Северна Македонија размислува да предложи усвојување на таква резолуција.
- Би сакала за тоа да разговарам со сите мои колеги од француското Национално собрание, навистина со сите политички партии, за да може да имаме колку што е можно пошироко мнозинство за усвојување на таков текст, вели Танги.
Што се однесува до очекуваните гаранции во однос на македонскиот јазик, таа нагласува дека Франција го признава македонскиот јазик и има Катедра за изучување на македонскиот јазик при Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛОКО) во Париз.
- И решението, односно „францускиот предлог“, беше важен во однос на реафирмирањето на македонскиот јазик, како јазик официјално признаен од страна на Европската Унија и тоа се навистина елементи кои по природа на нештата би можеле да ни помогнат да составиме предлог, вели Танги.
Инаку, Танги е родена во српскиот град Панчево, од татко Македонец и мајка Хрватка, кои потоа емигрирале во Франција. Сегашниот е нејзин втор мандат како пратеничка во француското Национално собрание од редовите на Ренесанса, која е дела од европскиот либерален блок партии Обновена Европа, кон кој припаѓа Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), чија членка е и нашата Либерално демократска партија (ЛДП).
Германскиот Бундестаг минатата недела усвои Резолуцијата со гласовите на партиите од владејачкото мнозинство со која се дава поддршка за европската иднина на Северна Македонија и се оддава признание на македонската култура, идентитет и јазик. Со Резолуцијата, меѓу другото, и се препорачува за Владата во Берлин „да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на компромисот договорен со Советот и да се воздржи од дополнителни услови“. сп/ац/
Фото: МИА архива