• понеделник, 23 декември 2024

Поради непостоење акредитирана институција за тестирање блокирано назначување нови судии, до 2022. тестирањата ги вршела „Виста груп“

Поради непостоење акредитирана институција за тестирање блокирано назначување нови судии, до 2022. тестирањата ги вршела „Виста груп“

Скопје, 6 јуни 2023 (МИА) - Изборот на судии од страна на Судскиот Совет е блокиран поради непостоење акредитирана институција за тест за интегритет и психолошкиот тест, се бара решение за излез од ситуацијата, информираше денеска на брифинг со новинарите претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев. Со овој проблем се блокира назначувањето на осум судии во Апелациониот суд Скопје како и изборот на 30 судии слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.

Согласно законот потребно е да има акредитирана институција, која ќе ги спроведува овие тестови, но таква институција во моментов нема, а до пред застојот тестовите ги спроведувала „Виста груп“, која од 2015 година склучувала договор со Судскиот совет за таа намена. Со договор од 2015 и 2019 година како и повеќе анекси на Договорот, „Виста груп“ седум години ги тестирала судиите за интегритет и психолошкиот тест.

Во 2022 година, тогашната претседателка на Судскиот Совет Весна Дамева не го потпишала Анексот на Договорот од 2019 година со „Виста груп“ за продолжување на соработката и побарала мислење од Владата. Одговорот од таму бил дека државава нема акредитирана институција за спроведување на овие тестови, што е законски услов. 

Според членот на Судскиот Совет Миљазим Мустафа првично можно решение на проблемот е да се признаат тестовите, кои ги полагале слушателите на АСЈО, со што би се избрале прво тие 30 судии, а потоа да се најде законско решение и за избор на останатите судии во другите судови кои треба да ги полагаат тестовите, кои се задолжителни. 

Појаснувајќи ги измените во Законот за судски совет од 2019 година, претседателот на Советот Георгиев, меѓу другото рече дека за спроведување на психолошкиот тест и првиот дел од тестот за интегритет Судскиот совет ангажира стручни лица од независна и целосно акредитирана професионална институција и дека психолошкиот тест се спроведува врз основ на меѓународно признати психолошки тестови за вршење на функцијата судија кои се применуваат во најмалку од една од земјите членки на Европската Унија.

Откако е донесен Законот за тестот за интегритет и психолошкиот тест од 2015 година тогашниот претседател на СС Бранко Ушковски склучил договоир со „Виста груп“ за спроведување на овие тестови што ги поминале сите судии. Договорот, како што информираше Георгиев, немал рок на важност и наредната година со Анекс бил продолжен на две години од потпишување, однсоно до декември 2017 година. Со нов Анекс на 1 ноември 2017 бил продолжен на уште една година исто како и на 9 ноември 2018 година на уште една година. Веќе во 2019 година  бил потпишан нов договор на една година, а во 2020 на 24 декември со Анекс бил продолжен на две години од потпишувањето на договорот. На 16 декември 2021 со Анекс потпишан од страна на тогашната претседателка Павлина Црвенковска договорот бил продолжен на три години, односно до 2022 година.

Во 2022 во декември, како што појасни претседателот на судскиот совет Сашко Георгиев бил подготвен нов Анекс од страна на тогашната претседателка на Советот Весна Дамева но тој не бил потпишан. Дамева во јануари, февруари и март побарала мислење од Владата, од каде од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска добиле информација дека во државава не постои акредитирана институција која може да го спроведе тоа тестирање.

Георгиев информираше дека откако е претседател на Судскиот совет добил одговор од Генералниот секретаријат на Владата во врска спроведување на психолошкиот тест и тестот за интегритет, во кој се наведува дека министерот за правда Кренар Лога ги информирал членовите на Владата дека е надминат проблемот со тоа што тестовите ќе се спроведуваат во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители АСЈО. Според него, се уште е нејасна состојбата поради тоа што, според одговорот од Владата,  тие не бараат простории за тестирање, а тестовите во Академијата кои биле понудени се само за кандидатите за судии и јавни обвинители.

На брифингот со новинарите Георгиев меѓудругото информираше дека денеска имал средба со претставници на Синдикатот на УПОЗ кои побарале исплата на додатоци за судските служби кои од минатиот месец не се исплаѓаат поради исплатата на 78 проценти повисоки примања за судиите. Георгиев очекува надминување на проблемот со ребаланс на буџетот бидејќи, како што рече и со ова покачување за судиите, Советот ќе има средства за плати само до октомви оваа година. бк/ац/

 

Остани поврзан