• сабота, 28 декември 2024

Стартува „Скопје синема сити“ со изложба на фотографии од Ник Кејв на српскиот фотограф Немања Ѓорѓевиќ

Стартува „Скопје синема сити“ со изложба на фотографии од Ник Кејв на српскиот фотограф Немања Ѓорѓевиќ
Скопје, 29 јуни 2022 (МИА) - Овогодишното осмо издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ ќе започне денеска со изложба на фотографии од Ник Кејв на реномираниот српски фотограф Немања Ѓорѓевиќ. Изложбата ќе биде отворена денеска во Културно-информативниот центар – Скопје во салата „Империјал II“ во 20 часот. Немања Ѓорѓевиќ е рок-фотограф, видеорежисер и уредник на порталот „Балканрок“ и зад себе има бројни самостојни изложби. Учествувал и на бројни групни изложби меѓу кои се истакнуваат традиционалните „Рок-моменти“. Од КИЦ информираат дека артист во фокус на фестивалот е славниот музичар, пејач, поет, изведувач Ник Кејв и на 30 јуни, во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката, филмскиот дел од фестивалот ќе биде отворен токму со проекција на документарниот филм „Ник Кејв: 20,000 денови на земјата“ на Јан Фoрсајт и Џејн Полард. Оваа година Кејв е лауреат на Фестивалот и традиционално ќе добие признание за животно дело. сх/сп/

Остани поврзан