Битолското графичко триенале гостува во кинескиот град Нингбо
- Меѓународно графичко триенале од Битола од денеска е достапно за културната јавност во НР Кина со изложба поместена во Музејот на павилјонот Тијањи во Нингбо.
Битола, 28 декември 2024 (МИА) - Меѓународно графичко триенале од Битола од денеска е достапно за културната јавност во НР Кина со изложба поместена во Музејот на павилјонот Тијањи во Нингбо.
Како што е познато, Нингбо и Битола се збратимени градови и со поддршка на градот домаќин, графичкото триенале ќе биде поставено и во културни центри на шест други кинески градови.
За информирање на кинеската јавност, организаторите отпечатија обемен и атрактивен каталог насловен „11 меѓународно графичко триенале Битола“ во кој покрај делата и авторите, презентирани се низа најафирмативни текстови за самата манифестација, претставена е Битола во најпозитивна смисла како еден од културните центри на Балканот, а НР Кина ја презема својата благородна мисија ова тридецениско ликовно постоење да го афирмира, истакне, популаризира низ азискиот континент и да го потенцира како едно од значајните цивилизациски движења на планетарно ниво, информираа од Битолското графичко триенале.
Ningbo Tianyi Pavilion Museum е национален првокласен музеј во Кина. Дом е на најстарата библиотека во НР Кина и една од трите најстари семејни библиотеки во светот. Тијани Павилјон музеј придава големо значење на странските културни размени и е посветен на презентација и промовирање на интеракцијата помеѓу цивилизациите.мт/вј/
Фото: Графичко триенале Битола