Средба на директорот на македонскиот КИЦ во Софија со двајца бугарски актери
- Директорот на македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Софија, Зоран Пејковски, соопшти дека имал средба со бугарските актери Стефка Јанорова од Театарот на армијата и со Валентин Ганев од Народниот театар „Иван Вазов“ и дека со неа е потврдена клучната улога на институцијата во градењето на културната дипломатија како жив и динамичен процес.
Скопје, 11 февруари 2026 (МИА) - Директорот на македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Софија, Зоран Пејковски, соопшти дека имал средба со бугарските актери Стефка Јанорова од Театарот на армијата и со Валентин Ганев од Народниот театар „Иван Вазов“ и дека со неа е потврдена клучната улога на институцијата во градењето на културната дипломатија како жив и динамичен процес.
Во допис до медиумите Пејковски посочува дека средбата отворила можности за идна соработка и размена, „во кои сценските истражувања, креативните визии и духовните вредности може да се испреплетат во заеднички проекти поттикнувајќи континуирана инспирација, зајакнување на меѓукултурните врски и создавање нови форми на културна комуникација“.
- Во просториите на македонскиот КИЦ имаше вистински чин на духовна размена, во кој уметноста се појави како универзален јазик, ослободен од граници, поделби и предрасуди. Средбата беше чин на длабоко препознавање меѓу уметници што сцената ја доживуваат како животна потреба. Таа се разви како емотивен, интелектуално и духовно промислен дијалог, во кој учесниците ги истражуваа смислата на сцената, улогата на актерот и природата на уметноста како форма на постоење и комуникација. Средбата исто така беше чин на зближување меѓу две културни и уметнички традиции, два јазика и два духовни света што се препознаваат во истата љубов кон уметноста - истакна Пејковски. хс/са/
Фото: Културно-информативен центар на РС Македонија во Софија